Најмладите во Струга го чистеа крајбрежјето на Охридското Езеро

Во рамките на проектот „Екологија, дел од нашата култура“ младите во Струга на повеќе плажи долж Охридското Езеро викендов собираа отпад, во организација на здружението на граѓани „Нова порта“, а со поддрша на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Целта на проектот, според „Нова порта“, е подигање на свеста за здрава животна средина. Исчистените плажи, пак беа обележани со знамиња како еколошко чисти.

– Интересот кај младите да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов период на повеќе локации се собираше отпадот, а се спроведе и акција под мотото „ Езерото не е корпа за отпад“ на која преку транспаренти се испратија еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското езеро и крајбрежјето“, соопшти „Нова порта“.

Според Никола Кукунешоски од извидничкиот центар „Скаут“, креирањето на било каква политика поврзана со здрава животна средина е процес, кој почнува од најрана возраст.

– Тоа значи дека секој од нас првите информации ги прима во рамките на своето семејство, а потоа и преку образовниот процес. Она што како сознание секој треба да го има е информација која треба да ја добие од семејството и луѓето кои се грижат за животната средина. Ваквите акции ги поддржуваме во целост во поглед со работа со најмладите кои треба да имаат здрави навики, вели Кукунешоски.

Дел од еко-акцијата беа и членовите на спортскиот клуб „Соларис“, чиј претседател Коста Хиохи, смета дека практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.

– Како општествено одговорна организација спортскиот клуб „Соларис“ секогаш ги поддржува ваквите иницијативи. Така и денес ја лоцираме важноста на едукацијата на младите спортисти во превенирање на загадувањето на тој начин што ќе се едуцираат да бидат екологисти, да бидат склони кон одржување на чиста животна средина и да се научат како да се справуваат со отпадот кој што не опкружува. Оваа иницијатива ја поддржа нашиот подмладок и реализиравме неколку еколошки акции. Впрочем преку овие акции ги едуцираме младите и вложуваме во утрешнината на екологијата, изјави Хиохи.

Во рамките на проектот „Екологија, дел од нашата култура“ се реализираше и подводно чистење на езерото, а собраниот отпад беше презентиран пред младите на кој им беше потенцирана штетноста врз ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридското Езеро.

За подигнување на еколошката свест ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.

Треба да знаете
Последни објави