Skip to main content
Економија

Германската индустрија инвестира во рударството: БМВ и Рајнметал ќе бараат нови извори на критични минерали

29/11/2026  11:08

BMW, Rheinmetall и други германски индустриски компании планираат да формираат заедничка компанија која ќе инвестира во рударски проекти и ќе обезбедува критични суровини за германската индустрија. Во фокусот се бакарот, литиумот, графитот, кобалтот и други минерали од стратешко значење.

Носители на проектот се компании од одбранбената индустрија и германската Асоцијација на автомобилската индустрија (VDA), од каде соопштија дека за подобро координирање на постојните владини капацитети, Сојузниот институт за геологија би требало да прерасне во Германска агенција за суровини и енергетска безбедност, со поширок мандат и дополнителни одговорности. Ова би ѝ овозможило на агенцијата да дава поддршка на стратешки проекти и да ја олесни соработката помеѓу владата, индустријата и меѓународните партнери. Според пишувањата на локалните медиуми, во 2024 година, Кина учествувала со околу 91% во глобалното производство на преработени ретки земјени елементи, кои се користат во магнетите. Нејзиниот удел во преработката за графитот наменет за батерии изнесувал околу 94%, 78% за кобалтот, 70% за литиумот и околу 44% за бакарот на светско ниво.

„Без сигурно снабдување со критични суровини, не е можно да се оствари силна индустриска вредност во Германија. Нашата зависност од мал број земји-снабдувачи ги прави синџирите на снабдување ранливи на геополитичките тензии, ограничувањата на извозот и наглите скокови на цените. Затоа е неопходно да ги диверзифицираме изворите на суровини и да ги направиме синџирите на снабдување поотпорни. Рамката за безбедност на суровините нуди конкретен пристап за постигнување на оваа цел, преку поврзување на индустриската побарувачка, корпоративната одговорност и сигурната политичка рамка“, истакна Хилдегард Милер, претседател на Асоцијацијата.

„Ниту една компанија не може сама да се справи со зависноста од стратешки суровини. Преку Рамката за безбедност на суровините, ги поставуваме темелите за обединета побарувачка за суровини, пристап до нови извори на снабдување и распределба на ризиците на повеќе страни. Заедно со владата, имаме за цел да ја зајакнеме сигурноста во снабдувањето и да обезбедиме поголема предвидливост при планирањето во индустријата – од мали и средни претпријатија до големи корпорации“, изјави Николај Мартин, претседавач на Комитетот на VDA за синџири на снабдување во автомобилската индустрија.

Македонија засега не е вклучена во потрагата по критичните суровини, иако се најавуваат повеќе геолошки истражувања. Додека македонската економија силно зависи од случувањата на германскиот пазар, во моментов кај нас се спроведува едно геолошко истражување, за присуството на антимон кај Крива Паланка. Воедно, има и само една сериозна инвестиција во ископ на критичен минерал, а тоа е бакарот во Иловица. Рудникот се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10 илјади тони бакар.

Македонското рударство е во надолен тренд, иако повеќе домашни експерти повикаа државата да фати чекор со случувањата во Европа. Неодамна, универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски оцени дека Македонија во моментов е во статус-кво состојба – што значи дека имаме потенцијал, но е неискористен. 

„Направени се минерални испитувања, докажано е дека постојат, но досега не ги искористуваме. Всушност ова се нашите „пет минути“, коишто можат да поминат, а ние така да останеме. Критичните минерали во моментов се потребни. Кога за неколку децении ќе се заситат, тие метали коишто се сега во моментот критични, можеби нема веќе да бидат критични“, оцени Начевски во разговор за ТВ Сител.

Инаку, властите во Берлин ја поддржаа иницијативата на домашната индустрија. Германското Министерство за економски прашања и енергетика соопшти дека Германија треба да ја намали својата зависност од ограничен број добавувачи на критични суровини, како и да ги прошири и направи поотпорни синџирите на снабдување.

„Со планираната германска Компанија за тргување со суровини, индустријата презема одговорност преку здружување на набавките и развивање нови извори на снабдување, со што придонесува за создавање поотпорни синџири на снабдување“, изјави Луиза-Марија Шпо, портпарол на Министерството.

Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека состојбата со критичните суровини, каков што е и бакарот, силно ќе влијае на економиите, а со тоа и на националната безбедност. Според него, без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници. Тој порача државите да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија, а Брисел да создаде залихи на европско ниво.