
Шпанија денеска одржува предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните избираат нов состав на Конгресот на пратениците и Сенатот. Изборите беа распишани по распуштањето на двата дома на парламентот на 5 октомври, речиси една година пред редовниот крај на мандатот.
Во центарот на кампањата е станбената криза. Растот на кириите и цените на становите предизвика незадоволство, особено меѓу младите и жителите на големите градови и туристичките центри. Премиерот Педро Санчез се обидува да обезбеди нов мандат, додека конзервативната Народна партија гледа можност да ја преземе власта, потенцијално со поддршка од крајнодесничарската Вокс.
Непосредниот повод за предвременото гласање беше парламентарното отфрлање на владините мерки за домување. Пакетот предвидуваше ограничување на кириите, привремена забрана за иселувања и ограничувања за корпоративното купување станбен имот.
Санчез оцени дека без посилна парламентарна поддршка не може да ги спроведе потребните промени. По распишувањето на изборите, владата повторно ги одобри декретите, користејќи ја постапката за нивно разгледување пред постојаното парламентарно тело што функционира по распуштањето на парламентот.
Партиите нудат различни решенија. Социјалистите предлагаат изградба на 100.000 јавни достапни станови и бескаматни кредити до 50.000 евра за купување прв дом. Народната партија ветува еден милион станови, ослободување земјиште за градба и укинување на законот што ги регулира кириите.
Гласачките места во континентална Шпанија се отворени од 9 до 20 часот, според истото време како во Македонија. Првите резултати се очекуваат околу еден час по затворањето. За апсолутно мнозинство во Конгресот се потребни 176 од вкупно 350 пратенички места

