
Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје, во гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител, зборуваше за реализацијата на подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“, проект кој беше дел од неговите предизборни ветувања, посочувајќи дека истиот е во напредна фаза на реализација. Тој потсети дека во предизборната кампања ветил дека првата фаза од проектот, која била завршена за 90 дена, ќе ја реализира до крајот на мандатот, но стабилизираната финансиска состојба на Град Скопје, како што вели, овозможила проектот да се реализира во целост.
„Се отвори можност да ја дореализираме до крај. Тука рака подаде и претседателот на Владата, за што сум му благодарен во името на сите скопјани, со тоа што и финансиски помогна за реализација на оваа втора фаза. Земајќи го сето тоа предвид, ние влегуваме етапно во целиот процес. Откако првата фаза од делот од Кисела Вода ја завршивме веќе влеговме во втората фаза, којашто е многу посериозна. Тоа се двата кружни тека, подземното пробивање и се останато и таму содржи еден колекторски систем којшто треба да го изградиме со препунктна станица којашто треба да ги регулира водите, коишто во минатото немало изградено и не можело да бидат истретирани како што треба“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека особено внимание се посветува и на доследната реализација на предвидените активности: „Од рана пролет ќе се започне и со реализација на препунктната станица, односно колекторскиот систем, којшто треба да ги спроведе атмосферските води и да ги извади таму, нема да биде слободна гравитација туку со пумпа ќе биде тоа регулирано“.
Ѓорѓиевски одговори и на прашање во врска со новогодишното украсување на Скопје и организацијата на новогодишната прослава, при што посочи дека градот ќе биде украсен во периодот од 10 до 15 декември, а за новогодишната ноќ се предвидени исклучиво македонски изведувачи.
„Некаде по планот ни е од 10-15 декември да биде накитено Скопје. Она што се уште го немаме доутврдено, со тимот работиме на истото, е организацијата на новогодишната прослава, но и деновите кога ќе има базар и се останато на градскиот плоштад. Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во градот. И минатата година беше така. Одлучивме оваа година како и минатата со исклучиво македонски изведувачи, ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле се уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Нова година. Да најавам уште од сега, огномет нема да има. Има поделени мислења кога станува збор за огнометот за новогодишната ноќ“, вели тој.

