Skip to main content
Свет

Меѓународниот суд за поморско право го одби барањето на Аргентина за запирање на дупчењата кај Фолкландските Острови

28/11/2026  19:42

Меѓународниот трибунал за поморско право – ИТЛОС го одби барањето на Аргентина за блокирање на дупчењето нафта во близина на Фолкландските Острови, јави ДПА.

Буенос Аирес побара од Меѓународниот трибунал за поморско право да нареди запирање на проектот „Sea Lion“ (Морски лав), како дел од своето барање за суверенитет над Фолкландските Острови.

Меѓутоа, во одлуката што денеска ја соопшти претседателот на ИТЛОС, Морис Камга, судот ги отфрли аргументите на Аргентина, наведувајќи дека нема основа за тврдењето оти трибуналот има надлежност, бидејќи тој не може да одлучува за прашања поврзани со суверенитетот.

Камга изјави дека 18 судии гласале за отфрлање на барањата на Аргентина, додека тројца гласале за нивно прифаќање.

На сослушувањето претходно овој месец, Аргентина изјави дека дупчењето не треба да биде дозволено сè додека не се реши прашањето за суверенитетот, и побара од ИТЛОС да издаде привремена забрана до одржувањето на целосна арбитражна постапка.

Во заедничка изјава,шефот на британската дипломатија, Ед Милибанд, и државниот обвинител на Англија и Велс, Ели Ривс, ја поздравија одлуката и ја повикаа Аргентина да го почитува правото на жителите на Фолкландските Острови, кои ги има околу 3.500, „да ја одредат својата иднина“ и да го прекинат поширокиот економски притисок.

„Овој резултат ја потврдува исправноста на правната одбрана и стратегија на Велика Британија“, наведоа тие во соопштението.

„Велика Британија нема сомнежи во својот суверенитет над Фолкландските Острови, својот суверенитет и суверени права над соседните поморски области и правото на островјаните на самоопределување“, се додава во соопштението.

Проектот „Морски лав“ претставува заеднички потфат во Јужниот Атлантик помеѓу британски и израелски компании, а се проценува дека подрачјето располага со 1,7 милијарди барели нафта.

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи претходно ги окарактеризира активностите на овие компании како незаконски и воведе економски санкции против поединци и фирми вклучени во истражувањето на нафта околу островите.

Аргентина долго време изјавува дека полага право на суверенитет над Фолкландските Острови (кои таа ги нарекува „Лас Малвинас“). Во 1982 година, Аргентина изврши инвазија на островите, што доведе до војна во која британските сили успешно ја повратија контролата врз територијата.

Самите жители на Фолкландските Острови во повеќе наврати изразија желба да останат под британска власт; на референдумот одржан во 2013 година, 99,8 отсто од гласачите се изјаснија за задржување на статусот на прекуморска територија. 

Се очекува подоцна да се одреди термин за одржување расправа по барањето на Аргентина за спречување на дупчењето за нафта во близина на Фолкландските Острови, при што Камга изјави дека одлуката од саботата не го предодредува исходот на случајот.