Skip to main content
Свет

Пријавен хакерски упад во платформата на американското воено воздухопловство, Пентагон тврди дека системите се безбедни

28/11/2026  10:21

Хакери ја пробиле заштитата на „Клауд уан“ (Cloud One), една од најголемите облачни платформи на американското воено воздухопловство, објави Ројтерс, повикувајќи се на три извори запознаени со случајот. Засега не е утврдено кој стои зад нападот, колкав е неговиот обем и дали биле украдени податоци.

Пентагон, во подоцнежна реакција, соопшти дека воените системи се безбедни и дека клучните операции и апликации продолжуваат да функционираат. Сепак, во одговорот не го демантираше конкретно извештајот за пробив во „Клауд уан“.

„Нашите системи се безбедни, заштитени и под постојан надзор“, изјавил претставник на американското Министерство за одбрана за АФП. Од институцијата додаваат дека поради оперативната безбедност не ја коментираат состојбата на своите мрежи.

Платформата, воспоставена во 2017 година, користи услуги на „Мајкрософт“, „Амазон“, „Оракл“ и „Гугл“. На неа работат апликации за персонал, исплата на плати, логистика и одржување, но и системи поврзани со воздушната одбрана и следењето на муницијата.

Според објавените информации, упадот бил откриен при надградба на системот. Потоа биле запрени префрлањето на дел од апликациите и одредени софтверски ажурирања, а на некои корисници им биле ограничени администраторските овластувања.

Во процената на можната штета е вклучена и американската Команда за сајбероперации. Самото присуство на воени апликации на платформата засега не потврдува дека напаѓачите пристапиле до нивните чувствителни информации