Skip to main content
Македонија

Фирмите за брзи кредити незаконски наплаќале пари – на 26.000 граѓани мора да им вратат 2,3 милиони евра

26/11/2026  17:04

Повеќе од 26.000 граѓани низ Македонија треба да добијат поврат на незаконски наплатени средства од финансиските друштва за брзи кредити, во вкупен износ од над 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и владината портпаролка Марија Митева, информираше дека во изминатите три месеци биле контролирани сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјава.

Контролите го опфатиле работењето на компаниите од 2023 до 2026 година.

Кај 18 финансиски друштва биле утврдени нечесни трговски практики и спорни одредби во договорите за потрошувачки кредити, додека кај 12 била констатирана незаконска наплата на опомени и известувања за ненавремено платени кредитни обврски.

Издадени се прекршочни платни налози во вкупна вредност од над 3,5 милиони денари.

Со донесените инспекциски решенија, компаниите се задолжени да им ги вратат незаконски наплатените средства на своите клиенти. Роковите за враќање на парите се 30, 60 и 90 дена, во зависност од бројот на засегнати потрошувачи.

Кај две поголеми финансиски друштва со повеќе експозитури низ државата биле откриени и неправилности во водењето на сметководствената евиденција, за што било известено Министерството за финансии.

Казните за поединечните прекршувања се движат од 2.000 до 10.000 евра.

Министерот Дурмиши порача дека компаниите не смеат да остваруваат профит користејќи ја тешката финансиска состојба на граѓаните.

И покрај обемот на утврдените неправилности и големиот број засегнати граѓани, институциите засега не ги објавуваат имињата на финансиските друштва кај кои се констатирани прекршувањата.

Стојкоски ваквата одлука ја образложи со фактот дека дополнителните инспекциски проверки сè уште се во тек.

На граѓаните им се препорачува внимателно да ги проверуваат договорите за брзи кредити, особено одредбите што се однесуваат на дополнителните трошоци, провизиите и надоместоците