
Во Италија, во последните две децении, 57 католички свештеници се правосилно осудени и испратени во затвор поради сексуална злоупотреба на деца, покажува извештајот нарачан од Италијанската бискупска конференција (ЦЕИ) – објавен денеска.
Извештајот опфаќа 378 случаи пријавени до црковните власти во периодот од 2001 до 2021 година, со вкупно 880 инциденти, 356 осомничени за злоупотреба и 385 жртви. Од 356 осомничени, 123 лица биле пријавени во италијанските правосудни органи, а 57 биле правосилно осудени на затворски казни.
Црквата дисциплински санкционирала 218 свештеници, од кои околу 70 отсто биле прогласени за виновни. Од вкупниот број осомничени, 87 биле расчинети или привремено отстранети од свештеничката служба, 39 заминале во пензија, а 67 починале.
Според извештајот, околу 70 отсто од пријавените жртви биле машки лица, а најизложена група биле момчињата на возраст од 14 до 17 години. Во околу 80 отсто од случаите, осомничените за злоупотреба биле повеќекратни сторители, додека нешто помалку од 30 отсто од пријавените случаи се однесувале на сексуални чинови.
– Овие злосторства го откриваат злото што продрело во Црквата: мораме да го наречеме со неговото вистинско име и да ја признаеме неговата ужасност – изјави кардиналот Матео Марија Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција.
Авторите на извештајот предлагаат дополнителни мерки за италијанските бискупи, меѓу кои воспоставување телефонска линија за помош на жртвите и започнување јавна кампања со цел да се охрабрат тие да пријавуваат злоупотреба. Меѓу предлозите е и формирање постојано тело кое ќе собира и анализира податоци за случаите на злоупотреба, предлог што Италијанската бискупска конференција (ЦЕИ) веднаш го прифатила.
Податоците собрани за извештајот се засноваат исклучиво на информации од црковните архиви и, како што е наведено, „не го претставуваат целосниот обем на сторените дела и не овозможуваат прецизна процена на вистинскиот број случаи на злоупотреба“.
Католичката црква во светот со децении е потресувана од скандали поврзани со свештеници кои сексуално злоупотребувале деца, како и со прикривањето на нивните злосторства. Тоа го наруши нејзиниот углед и доведе до исплата на стотици милиони долари отштета. Во Италија, Црквата долго време не била доволно подготвена да се соочи со овој проблем, како што наведуваат критичарите, за разлика од Франција, Шпанија и Германија, каде што независни извештаи укажале на распространетоста на сексуалните злосторства извршени од свештеници.

