Skip to main content
Економија

Левица: ДПМНЕ го поскапи парното за речиси 20% за една година – енергетичарот „експерт“ Мицкоски ги зави граѓаните во сиромаштија

24/11/2026  11:40

Соопштение на Левица:

Трето поскапување на парното греење во рок од само една година им се подготвува на граѓаните под власта на ДПМНЕ! Со најновото предложено покачување од 7,5%, цената на парното кумулативно би пораснала за речиси 20%. Ова е епилогот од помпезно најавуваната енергетска ренесанса на Мицкоски, кој со години ја градеше својата политичка кариера продавајќи се како врвен енергетски експерт, за денес неговата експертиза граѓаните да ја плаќаат со сè повисоки сметки.

Да потсетиме на хронологијата на енергетските бајки на Мицкоски – во 2024 година ветуваше пониски сметки, во мај годинава говореше за потенцијално поевтинување на струјата од пет до десет проценти, во август уверуваше дека нема да има поскапување, за во ноември веќе да најавува можни повисоки цени и тешка зима! Бедна е политичката методологија на Мицкоски, кој најпрво ветува поевтинување, потоа ветува дека нема да има поскапување, а на крајот самото поскапување го претставува како успех бидејќи, замислете, можело да биде и поголемо.

Речиси 20% поскапо парно за една година е сметката што ДПМНЕ им ја испорачува на граѓаните за сопствената енергетска политика. И тоа во услови кога власта не презема мерки за раст на платите и зауздување на цените, кога поскапуваат и најелементарните прехранбени производи, а синдикалната кошничка надмина 70.000 денари!