Skip to main content
Македонија

Ахмети со отворено писмо до Шасивари: Да го претставуваш деградирањето на албанскиот јазик како напредок е чин на предавство кон Албанците

24/11/2026  11:20

Интегрален текст од отвореното писмо на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети упатено до министерот за правда, Јетон Шасивари

Станува збор за јазичните права на Албанците, за почитувањето на правниот поредок на државата и за спроведувањето на едно право стекнато со големи жртви, политички отпор и институционални напори.

Законот за употреба на јазиците, усвоен во 2018 година и кој стапи во сила во 2019 година, претставува значаен акт и достигнување во остварувањето на јазичните права на Албанците, во согласност со Амандманот V на Уставот и Охридскиот мировен договор, од кој произлегува и со кој е поврзано ова право. Охридскиот мировен договор истовремено претставува пресвртница и темел на правната и институционалната вклученост на Албанците во државата. Усвојувањето на овој закон во никој случај не беше лесен процес. Тој беше постигнат преку долгогодишна политичка заложба, која се соочи со постојан отпор од одредени македонски политички кругови.

Овој закон не е декларативен акт, ниту документ чие спроведување зависи од волјата или секојдневното расположение на носителите на власта. Тој закон е во сила и создава јасни обврски за државните институции. Затоа, со стапувањето во сила, државата имаше и сè уште има обврска да ги обезбеди сите предуслови за негово целосно спроведување: институционалните капацитети, човечките и финансиските ресурси, како и функционалните механизми за надзор.

За жал, во текот на повеќе од две години од владеењето на оваа Влада, се забележува загрижувачки тренд на стеснување на колективните права на Албанците, особено на јазичните права. Слабеењето на правната и институционалната положба на Инспекторатот за употреба на јазиците, преку одземањето на статусот на правно лице, како и маргинализацијата на Агенцијата за примена на јазиците, се показатели и докази за овој ограничувачки пристап во рамките на системот.

Во овој контекст, прашањето за полагањето на правосудниот испит и другите државни стручни испити на албански јазик стана сериозен тест за почитувањето на законот и еднаквоста на граѓаните.

Господине министре, тука не постои никаква правна нејаснотија што би можела да послужи како оправдување за негирање на ова право.

Законот за употреба на јазиците јасно го уредува ова прашање.

Членот 1, став 3, предвидува дека албанскиот јазик и неговото писмо, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, се службени јазици во централните институции, агенциите, дирекциите, комисиите и другите институции утврдени со закон. Оваа одредба ја опфаќа и Комисијата за полагање на правосудниот испит, која функционира во рамките на Министерството за правда.

Членот 2 го гарантира правото на секој граѓанин да користи кој било од службените јазици и нивните писма во сите постапки пред државните институции, додека институциите имаат законска обврска да овозможат постапките да се водат на соодветниот јазик.

Членот 6, став 1, дополнително ја конкретизира оваа обврска, предвидувајќи дека институциите, по службена должност, треба да обезбедат употреба на службениот јазик, комуникација и водење на постапките на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, кога тој јазик го користи лицето или учесникот во постапката.

Во меѓувреме, членот 23, ставовите 4 и 5, ја утврдуваат обврската за усогласување на јазичните одредби од другите закони со Законот за употреба на јазиците и во случај на неусогласеност, ги обврзува надлежните органи да ги применуваат одредбите на овој закон.

Значи, станува збор за јасна законска рамка и определба, која се темели и врз правниот принцип lex specialis derogat legi generali. Законот за употреба на јазиците е посебен закон за јазичните прашања и неговите одредби имаат предност во примената во однос на одредбите од другите закони што ја уредуваат истата материја.

Затоа, сакам уште еднаш јасно да нагласам: правосудниот испит неопходно треба да се полага и на албански јазик. Секое друго решение со кое би се ограничила или условувала употребата на албанскиот јазик при полагањето на овој испит е во спротивност со Законот за употреба на јазиците. Нема простор за неправни или политички толкувања, институционални импровизации или делумни решенија таму каде што законот јасно ги утврдил правото и обврската за негово спроведување.

Сакам да нагласам и уште еден суштински аспект: правосудниот испит е стручен испит за оценување на правните знаења, а не тест за познавање на македонскиот јазик. Албанските студенти кои ги завршиле своите правни студии на албански јазик на акредитирани универзитети во Република Северна Македонија не смеат да бидат ставени во нерамноправна положба во моментот кога го остваруваат своето право на пристап до стручниот испит. Познавањето на македонскиот јазик може да се проверува преку посебни механизми за јазична сертификација, но не може да се користи како пречка за остварување на право загарантирано со закон.

Ова не го тврдиме само ние, како Демократска унија за интеграција, како носители на политичката и институционалната одговорност за усвојувањето на Законот за употреба на јазиците. Ова го констатирал и самиот Инспекторат за употреба на јазиците, кој утврдил повреда на законот од страна на Министерството за правда во врска со барањата на студентите за полагање на правосудниот и другите испити на албански јазик.

Овој институционален наод требаше да биде почетна точка за отстранување на повредата, а не повод за обиди да се најде начин таа да се релативизира.

Затоа, особено загрижува она што се подготвува да биде презентирано пред Венецијанската комисија.

Располагаме со информации дека во текот на оваа недела во Министерството за правда се одржуваат координациски состаноци, на кои се вклучени и Инспекторатот и Агенцијата за примена на јазиците, со цел да се менаџира институционалното незадоволство и да се изгради заеднички став во прилог на предлог-решението на Владата.

Според овие информации, целта е пред претставниците на Венецијанската комисија, да се претстави како унапредување едно решение според кое правосудниот испит би се полагал делумно на албански, а делумно на македонски јазик.

Сакам да бидам сосема јасен: ваквото решение не претставува чекор напред, не претставува унапредување. Тоа, напротив претставува чекор назад, деградација на едно стекнато право и доколку се претстави како унапредување на јазичните права, претставува чин на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците.

Не може да се нарече напредок решение кое, наместо да го спроведува законот, го ограничува. Не може да се претстави како европски компромис предлог што повредува право загарантирано со закон. И не може да се бара меѓународен легитимитет за решение што е во спротивност со правниот поредок на државата.

Венецијанската комисија не смее да се користи како параван за избегнување на законските обврски на државните институции. На нејзините претставници мора да им биде презентирана целосната правна состојба, конкретните законски одредби и наодите на надлежниот инспекциски орган, а не политичко решение маскирано како институционален напредок.

Ве потсетувам дека ова прашање не е изолирано од еден поширок и загрижувачки развој на настаните. Паралелно со овие активности во извршната власт, се водат и постапки пред Уставниот суд кои директно ја засегаат правната положба на Законот за употреба на јазиците.

Амандманот V на Уставот јасно утврдува дека во институциите на државната власт законодавецот со закон ги определува начинот и обемот на службената употреба на другиот службен јазик покрај македонскиот. Ова уставно овластување му припаѓа на Собранието и е искористено преку усвојувањето на Законот за употреба на јазиците.

Секој обид за слабеење на овој закон преку дејствија на извршната власт, селективни толкувања или нови законски решенија со кои се ограничува неговата примена, треба да се третира со особена загриженост. Ова не е прашање на еден испит или една постапка. Ова е прашање на правната сигурност, еднаквоста на граѓаните и почитувањето на политичкиот и уставниот договор врз кој се изградени соживотот и функционирањето на државата.

Исто така, важно е јавната дебата за јазичните права да се темели на конкретните законски одредби, а не на толкувања што го стеснуваат нивниот опфат. Тврдењата на одредени претставници на ВЛЕН дека правниот јазик на судовите е исклучиво македонскиот јазик не се одржливи во светло на јасните одредби од Законот за употреба на јазиците. Членот 9 од овој закон предвидува употреба на албанскиот јазик покрај македонскиот и во оваа област.

Затоа, ги повикувам сите политички претставници, пред да даваат јавни изјави за ова прашање, одговорно да ги консултираат законските одредби. Доколку не можат да придонесат за унапредување на јазичните права, тогаш најмалку што треба да направат е да не стануваат дел од процесите што ги повредуваат и ги релативизираат тие права. ДУИ ќе продолжи одлучно да се ангажира, преку политички и институционални механизми, за заштита на овие права, во интерес на еднаквоста, достоинството на граѓаните и почитувањето на уставниот и правниот поредок на државата.

Ве повикувам да покажете политичка, институционална и национална одговорност! Да се откажете од секој обид за стеснување на јазичните права на Албанците и да ги запрете иницијативите насочени кон релативизирање и деградирање на Законот за употреба на јазиците!

Ве повикувам да не манипулирате со очекувањата на јавноста и пред Венецијанската комисија да не презентирате решенија што се во спротивност со важечкиот закон, претставувајќи ги како унапредување на јазичните права.

Ве повикувам, Министерството за правда, наместо да бара начини за ограничување на едно законско право, да ја преземе одговорноста за негово целосно спроведување, овозможувајќи полагање на правосудниот испит и на албански јазик, како што определува законот.

Исто така, барам Владата да обезбеди целосна и доследна примена на Законот за употреба на јазиците во сите органи и институции кои вршат јавни овластувања.

Законот за употреба на јазиците не е прашање на волјата на еден министер, една влада или едно парламентарно мнозинство. Тој е закон што е на сила и мора да се спроведува.

Секое решение во Законот за правосудниот испит што е во спротивност со Законот за употреба на јазиците не може да создаде одржлива правна основа и само дополнително ќе ја продлабочи правната несигурност кај граѓаните.

Правната држава не се гради преку преговарање за спроведувањето на законите во согласност со интересите на власта, туку преку нивно доследно и безусловно почитување.

Ние не бараме привилегии. Бараме спроведување на законот. Во овој случај не бараме нови права. Бараме почитување на правата што веќе се загарантирани и стекнати со жртва.

Јазичните права не се сопственост на ниту една политичка партија и не можат да бидат предмет на пазарење за ниту една влада. Тие се права на граѓаните и обврска на државата.

Поради сите овие загрижености, кои се однесуваат не само на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, туку и на повредата на нашите колективни права што произлегуваат од Охридскиот мировен договор, отворено им се обраќаме и на меѓународните гаранти на овој договор: Соединетите Американски Држави, Европската Унија и НАТО, како и на властите во Тирана и Приштина.

Веруваме дека почитувањето на Охридскиот мировен договор и правата што произлегуваат од него е заедничка одговорност и суштинска гаранција за еднаквоста, стабилноста и евроатлантската перспектива на државата.

Со институционалната почит што ја налага оваа одговорност, но и со одлучноста што ја бара одбраната на правата на Албанците,