Skip to main content
Македонија

ЛДП: Владата да гарантира дека нема да има поскапување на струјата и греењето

24/11/2026  10:23

Соопштение на ЛДП:

„Ниту една розева, замислена и фатаморганска статистичка кошница пресметана во владини кабинети не може да ја скрие реалноста на терен: цените на основните прехранбени производи, на давачките и комуналните услуги растат, платите не ги следат зголемувањата на трошоците, а сѐ повеќе семејства едвај го туркаат месецот и до дваесеттиот ден. Постапките за промена на цените од страна на снабдувачите течат паралелно со уверувањата дека стандардот ќе биде заштитен, а ни беше гарантирано од тие кои се сега на власт дека не смее и нема да има префрлање на целиот товар врз граѓаните,” укажува Дејанчо Цветановски, член на ИО на ЛДП.

ЛДП потсетува дека секакво, па макар и минимално поскапување  на енергијата и греењето ќе значи лажење на народот, изневерување на дадените ветувања и јасен доказ за неспособност за управување и менаџирање во интерес на граѓаните, туку само за префрлање на сметките на грбот на народот и негово понатамошно осиромашување.

Граѓаните не забораваат што е ветено. Ветувањата за заштита на стандардот и пониски енергетски трошоци мора веднаш да се исполнат, или власта нека си замине од функциите за да дојдат оние што знаат и можат да работат во интерес на граѓаните и државата.