
Рускиот товарен брод „Спарта II“ што беше погоден од беспилотни летала во близина на Финскиот Залив, е извлечен до Санкт Петербург, соопштија локалните власти.
Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, објави на Телеграм дека бродот „Спарта II“ и неговиот 16-член екипаж пристигнале во пристаништето.
По нападот со беспилотни летала, извршен во саботата, на бродот избувнал пожар, а 16-члениот екипаж бил евакуиран. Морнарите најпрво биле префрлени во чамци за спасување, а потоа ги презел руски брод што се наоѓал во близина.
Дрозденко соопшти дека нема повредени.
Финската армија соопшти дека нападот врз „Спарта II“ најверојатно бил извршен од Украина и дека бродот подоцна бил однесен во фински води.
Во невообичаена прекугранична соработка во гаснењето на пожарот учествувале два руски, два естонски и три фински брода.
Украина официјално не го коментирала инцидентот.

