
Проектот за спомен-обележјето посветено на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ е готов, а семејствата сè уште собираат пари за неговата изградба. Александар Наунов и Томче Стојанов во „Ноќно студио“ на 4ТВ побараа Општина Кочани да се изјасни дали ќе ги обезбеди двата милиони денари што, според нив, претходно им биле ветени.
Обележјето е предвидено на централна локација во Кочани која, како што велат родителите, имала посебно значење за младите што го загубија животот во пожарот.
„Проектот е направен, навистина е убав, и сега останува да ги собереме средствата за да направиме спомен-обележје какво што тие деца заслужуваат“, рекоа Наунов и Стојанов.
Според нив, од Општината прво добиле информација дека парите се обезбедени. Потоа им било кажано дека средствата биле потрошени или пренаменети, а подоцна повторно им било најавено дека ќе бидат обезбедени. По тие најави, родителите побараа конкретен одговор од општинските власти.
„Доста е со тоа ‘ќе биде’, ‘ќе помогнеме’. Тоа што ни е ветено, нека се исполни. Нека кажат дали можат или не можат“, порачаа тие.
Во меѓувреме, здружението на семејствата собира донации за изградбата. Податоците за донирање се објавени на фејсбук-страницата на здружението.
Во емисијата Наунов и Стојанов зборуваа и за потребата од долгорочна психолошка поддршка за семејствата. Тие им се заблагодарија на стручните лица што редовно им помагаат и нагласија дека таквата помош ќе им биде потребна и во наредните години.
За семејствата, спомен-обележјето треба да го зачува сеќавањето на загинатите и да потсетува на последиците од институционалните пропусти за кои тие бараат одговорност.
„Тоа треба да биде потсетник за трагедијата, за нашите деца никогаш да не бидат заборавени и никогаш повеќе да не се повтори нешто вакво“, порачаа родителите.

