
Денеска се навршуваат 31 година од парафирањето во воената база Рајт-Петерсон во близина на Дејтон, во американската држава Охајо, на Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, со кој заврши четиригодишната војна во таа земја.
Спогодбата ја парафираа тогашниот претседател на Претседателството на Република БиХ, Алија Изетбеговиќ, претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ и претседателот на Хрватска, Фрањо Туѓман.
За време на преговорите, кои траеја три недели, главни американски посредници беа Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк, како и тогашниот државен секретар на САД, Ворен Кристофер.
Мировниот договор за Босна и Херцеговина беше потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз.
На потпишувањето присуствуваа САД, Русија, Германија, Франција, Велика Британија и Европската Унија.
Дејтонскиот договор има 11 анекси кои ги регулираат воените, политичките и цивилните аспекти на воспоставениот мир во БиХ, а еден од неговите анекси е анекс 4, односно Уставот на БиХ, кој ја дефинира земјата како држава со два ентитета, Федерацијата БиХ и Република Српска, и три составни нации.
Оригиналниот примерок од Дејтонскиот договор, кој Изетбеговиќ лично го донесе во Сараево, исчезна од Претседателството на БиХ, што беше пријавено во февруари 2008 година од тогашниот член на Претседателството, Жељко Комшиќ.
Франција, како депозитар на договорот, потоа испрати заверена копија, и до ден денес не е утврдено како оригиналниот примерок исчезна од Претседателството на БиХ.

