Skip to main content
Македонија

Левица: Одбиени амандманите за условите во Армијата, унапредување на безбедноста, противпожарната заштита и контролата врз јавните средства

21/11/2026  11:39

Соопштение на Левица:

Со амандманот за воспоставување заеднички оперативни тимови на Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа, Левица предложи издвојување 95 милиони денари за координирано постапување во случаи на семејно насилство. Целта беше да се воспостави функционален механизам за заедничка интервенција на полициските службеници и социјалните работници, со подобра координација, размена на информации и навремена заштита на жртвите. Наместо да ги зајакне институционалните капацитети за справување со семејното насилство, ДПМНЕ го одби и овој предлог, со кој требаше да се надмине фрагментираното постапување на институциите и да се обезбеди поефикасна заштита на жртвите.

Парламентарното мнозинство ги одби и амандманите за зајакнување на противпожарната заштита и капацитетите на Дирекцијата за заштита и спасување. Левица предложи зголемување на наменските дотации за противпожарна заштита, како и обезбедување 60 милиони денари за набавка на противпожарни возила за потребите на територијалните противпожарни единици во Југоисточниот плански регион. Дополнително, беше предложено обезбедување средства за изградба и опремување на противпожарен пункт во Бутел, со што би се подобрила покриеноста на северниот дел на Скопје и би се овозможило побрзо интервенирање при пожари и други вонредни состојби.

Одбиени беа и предлозите за набавка на дополнителна опрема и машини за Дирекцијата за заштита и спасување, како и за обезбедување средства за поправки и тековно одржување на постојната противпожарна и спасувачка опрема. Левица укажа на потребата од редовно сервисирање, набавка на резервни делови и одржување на постојните капацитети, вклучително и воздухопловната опрема. Без континуирано одржување и техничка исправност, противпожарните и спасувачките служби не можат да гарантираат соодветна подготвеност и навремена интервенција при кризни ситуации.

Со посебни амандмани, Левица побара и подобрување на условите во кои престојуваат и работат припадниците на Армијата. Предложени беа околу 813.000 евра за медицинска и друга неборбена опрема, како и дополнителни 1,6 милиони евра за реконструкција и тековно одржување на армиските објекти. Средствата беа наменети за реконструкција на кујни, трпезарии и санитарни јазли, поправки на постојната инфраструктура и подобрување на условите за сместување, исхрана и работа на армискиот персонал. Со овие амандмани се бараше обезбедување на основните здравствени, хигиенски и функционални услови за припадниците на Армијата, кои не смеат да бидат занемарени за сметка на другите воени набавки.

Мнозинството го одби и амандманот за воведување задолжителен GPS-систем за мониторинг на службените возила во државна сопственост, за кој беа предвидени 67 милиони денари. Со воспоставување централен дигитален систем ќе се овозможеше следење на користењето на службените возила, контрола на нивното движење и спречување на нивната употреба за приватни цели. Оваа мерка требаше да обезбеди поголема транспарентност, рационално трошење на јавните средства и отчетност во јавната администрација. ДПМНЕ, сепак, го одби предлогот за воведување конкретен механизам за контрола на користењето на државните ресурси.

Одбиен беше и амандманот за основање и почетна работа на јавната установа „Дипломатска академија”. Левица предложи обезбедување средства за основање на установата, ангажирање кадар, подготовка и спроведување наставни програми, стручни обуки и потребната опрема. Со оваа мерка требаше да се воспостави институционална основа за систематско образование и стручно усовршување на дипломатскиот кадар, наместо развојот на дипломатските капацитети да се сведе на ад хок активности без долгорочна стратегија.

Парламентарното мнозинство ги одби и предлозите за зајакнување на врските со македонската дијаспора и унапредување на меѓународната соработка на општините. Со амандманот за иселеништвото беа предложени околу 406.500 евра за активности преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и за културните центри во странство. Средствата требаше да овозможат посистематска соработка со македонската дијаспора, организирање културни и професионални настани и поврзување на македонските институции и професионалци со заедниците во странство. Дополнително, Левица предложи околу 162.600 евра за меѓународна соработка на општините преку збратимувања, воспоставување контакти со странски општини и отворање можности за соработка на локалните производители и претпријатија со нови пазари. Одбиен беше и амандманот за подобрување на дипломатско-конзуларните услуги преку обезбедување дополнителни средства за техничка опременост, адаптација на објектите и организациска поддршка.

Според Левица, одбивањето на овие амандмани уште еднаш ја разоткрива разликата меѓу декларативните заложби на Владата и нејзините реални буџетски приоритети. Со ваквиот однос, ДПМНЕ однапред го најавува и исходот на следните амандмански расправи – целосно игнорирање на предлозите на Левица, без оглед на нивната суштина и значењето за граѓаните. Наместо Буџетот да го третира како јавен инструмент што треба да ги одразува потребите и волјата на граѓаните, владејачкото мнозинство се однесува како јавните средства да се негова приватна сопственост, а Собранието како институција во која предлозите на опозицијата однапред се осудени на одбивање.