
Струјата за домаќинствата од 1 јануари би можела да поскапи за 2 до 3 проценти, а цената на парното греење да се зголеми за 6 до 8 проценти, проценува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов. Во интервју за „Тема на денот“ на Сител, тој најави и нов начин на пресметување на мрежарината, со кој домаќинствата што трошат помалку струја би плаќале помал износ.
Додека Владата најавува дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане иста по Нова година, Ристов очекува евентуалното покачување да биде во рамките на 2 до 3 проценти. Тој посочи дека се разгледува како дополнителниот трошок би се распределил низ тарифните модели. Енергетските компании веќе ги доставиле финансиските и техничките барања, а РКЕ треба да ги донесе одлуките до крајот на годината. Новите цени треба да важат од 1 јануари.
Крајната цена за домаќинствата, објасни Ристов, зависи од трошоците за пренос, дистрибуција и снабдување со електрична енергија. МЕПСО побарал зголемување од 97 проценти на тарифата за пренос. Според Ристов, РКЕ не гледа основа за покачување на таа тарифа. Тој објасни дека очекуваниот пад на протокот низ електропреносниот систем во 2027 година се однесува на транзитот на електрична енергија преку земјава.
Кај дистрибуцијата, РКЕ се обидува да ја задржи цената во сегашните рамки. Ристов посочи дека загубите во дистрибутивната мрежа се движат од 11 до 12 проценти. За нивно покривање, 70 проценти од потребната енергија оваа година се обезбедуваат преку ЕСМ по договорена цена, а преостанатите 30 проценти дистрибутерот треба да ги набави на слободниот пазар.
Пробната аукција за набавка на струја за покривање на загубите била поништена откако понудената цена достигнала 380 евра за мегават-час. Како решение, Владата предложила ЕВН за таа намена да може да откупува електрична енергија од домашни обновливи извори што се дел од државното производство.
За снабдувањето на домаќинствата, Ристов посочи дека 70 проценти од електричната енергија за универзалниот снабдувач се договорени по цена од 65 евра за мегават-час, а преостанатите 30 проценти по околу 76 евра за мегават-час. Врз основа на тие цени, тој проценува дека евентуалното поскапување на струјата за домаќинствата би се движело од 2 до 3 проценти.
РКЕ разгледува и модел со понизок фиксен надомест за пристап до мрежата и дел од мрежарината што би зависел од потрошувачката. Според Ристов, таквата пресметка би го намалила трошокот за домаќинствата со помала потрошувачка, особено за оние во енергетска сиромаштија. Домаќинствата со поголема потрошувачка би плаќале повисок износ.
Кај парното греење, компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти. Ристов го оцени барањето како неприфатливо, иако посочи дека повисоката цена на природниот гас ги зголемува трошоците за производство на топлинска енергија. Неговата проценка е дека цената на парното би можела да се зголеми за 6 до 8 проценти.
Ристов се осврна и на падот на цената на нафтата, за кој рече дека овозможува постепено повлекување на мерките поврзани со даноците и акцизата. Како долгорочен начин за намалување на зависноста од нафтата ја посочи пошироката употреба на електрични возила.

