Skip to main content
Свет

Шји, Путин и Трамп разговараа за Украина, нуклеарното разоружување и глобалната безбедност

19/11/2026  15:08

Во Шенџен заврши трилатералната средба помеѓу претседателите на Кина, Русија и САД, Шји Џинпинг, Владимир Путин Доналд Трамп. За сега нема потврда дека на средбата е постигнат конкретен договор.

По средбата тие не одржаа прес-конференција, а нема ниту заедничка изјава. Според руските медиуми, Путин веќе заминал од резиденцијата „Килин Шанџуанг“, каде се одржа трилатералната средба.

На средбата, што траеше 90 минути се разговараше за нуклеарното разоружување, војната во Украина и меѓународната безбедност.

Шји на почетокот од средбата истакна дека трите држави мора да соработуваат во решавање на глобалните проблеми.

– Мораме да учиме од историјата. Тешките времиња покажуваат кој навистина е подготвен да преземе одговорност … Кина изминатите години промовира односи што се карактеризираат со мирен соживот, целокупна стабилност и балансиран развој, наведе Шји, при тоа упати апел до Русија и до САД да „станат пример за остатокот од светот со соработка за решавање на глобалните предизвици и придонес кон мирот и стабилноста.

Според него, нуклеарното оружје треба да биде целосно забрането и уништено.

Путин во воведното обраќање ја потенцираше „заедничката одговорност“ на трите земји во одржување и зајакнување на меѓународното право.

Според него, трите држави имаат „голем број заеднички интереси во решавање на регионалните судири, вклучително, секако и судирот во Украина.

– Русија, САД и Кина можат значително да придонесат за зајакнување на мирот и стабилноста, истакна Путин.

Додека Трамп потенцираше дека со Шји и Путин „навистина испишуваат историја“.

– Ние тројцата имаме за многу работи да дебатираме, а веќе за многу тоа разговаравме како претседатели на трите најголеми земји во светот. Имаме посебна одговорност во одржувањето на дијалог, полн со почитување и насочен кон резултатите, за прашања кои не влијаат само на нашите граѓани туку и врз целата планета, наведе Трамп.

Тој упати и критики кон поранешните светски лидери дека избегнувале разговори со држави кои не се согласувале.

– Ние мислиме спротивно. Стариот пристап, што се темелеше на одбивање на разговори за проблемите, никогаш не е решен ниту еден проблем, истакна Трамп.

Тој исто така ја нагласи важноста на нуклеарното разоружување.

– Трите најголеми нуклеарни сили во светот, САД, Русија и Кина, се во единствена позиција да разговараат за тоа како да се намали бројот на нуклеарно оружје на земјата, изјави Трамп.

Тој наведе дека соработката во однос на нуклеарното разоружување е важна, но призна дека е „многу тешко да се откажеме“ од нуклеарното оружје.

Трамп исто така посочи дека е „клучно“ САД, Кина и Русија да соработуваат за да се спречи ширењето на нуклеарното оружје кон други нации.

– Токму тоа го правиме во однос на Иран. Нема да дозволиме Иран да поседува нуклеарно оружје, наведе Трамп.

Тој потоа се осврна на војната во Украина, напомнувајќи дека веќе имал „долг разговор“ со Путин на таа тема.

– Мислам дека Путин, а се надевам и другата страна, би сакале да видат крај на таа војна, изјави Трамп.

Тој на средбата истакна дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) „е вон контрола“.

МКС има издадено налог за апсење на Путин поради сомнение за воени злосторства поврзани со незаконската депортација и преместување на украинските деца во Русија.

Налогот значи дека Путин може да биде приведен ако отпатува во држава која е обврзана да ги почитува одлуките на МКС. Но, ниту САД ниту Кина немаат обврска, бидејќи не се потписнички на Римскиот статут, меѓународен договор врз кој е формиран судот.

На средбата присуствуваа помошникот на Шји, Каи Чи, министерот за надворешни работи Ванг Ји, заменик-министерот за надворешни работи Ма Жаошу, кинескиот амбасадор во САД Сие Фенг и амбасадорот во Русија Џанг Ханхуи. Додека Путин беше придружуван од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, советникот на Путин Јуриј Ушаков, министерот за економија Максим Орешкин, министерот за одбрана Андреј Белошов и министерот за финансии Антон Силуанов. Американската делегација беше составена од државниот секретар Марко Рубио, амбасадорот на САД во Кина Дејвид Пердју, секретарот за финансии Скот Бесент, секретарот за трговија Хауард Лутник и шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер.