Skip to main content
Македонија

Засилени сообраќајни контроли на автобуси и товарни возила во рамки на меѓународната акција на ROADPOL

19/11/2026  12:46

Македонската сообраќајна полиција, како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL), во периодот од 16 до 22 ноември 2026 година спроведува засилени сообраќајни контроли во рамки на меѓународната акција „Truck & Bus“, насочена кон зголемување на безбедноста на автобусите и товарните возила во патниот сообраќај.

Целта на акцијата е превенција на сообраќајните незгоди, навремено откривање и санкционирање на прекршоците и подигнување на нивото на безбедност за сите учесници во сообраќајот.

Посебно внимание при контролите се посветува на техничката исправност и безбедносната опременост на автобусите и товарните возила, исполнувањето на законските услови за организиран превоз на деца, како и почитувањето на прописите при организирање училишни, образовни и рекреативни патувања. Дополнително, се проверуваат психофизичката состојба и способноста на возачите за безбедно управување со возилата, како и исполнувањето на останатите законски обврски во патниот транспорт.

Паралелно со овие активности, полициските службеници спроведуваат засилени контроли и на останатите учесници во сообраќајот, со акцент на непочитувањето на ограничувањата на брзината, управувањето возило под дејство на алкохол или психотропни супстанции, некористењето сигурносен појас, неправилниот превоз на патници и другите прекршоци што директно ја загрозуваат безбедноста на патиштата.