Skip to main content
Македонија

13 години замижувале, а сега ќе испадне дека никој не е виновен – револт на татко кој го загуби детето во „Пулс“

18/11/2026  23:05

Томче Стојанов, татко на дете кое загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја критикуваше одбраната на обвинетите поради големиот број предложени сведоци. Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој изрази сомневање дека со тоа се настојува да се одолговлечи судската постапка.

„На крајот ќе испадне дека никој не е виновен, дека виновни се пиротехниката, возачот на автобусот или некој кабел“, рече Стојанов.

Тој изнесе обвинувања дека сопственикот со години свесно ги заобиколувал законските обврски, меѓу другото и преку наводно подмитување и фалсификување документи. Стојанов тврди и дека концертот вечерта кога избувна пожарот бил организиран без да биде пријавен.

„Ако не било со намера, како тогаш 13 години свесно се подмитувало, се купувало и се фалсификувало? И последната вечер концертот бил организиран свесно, без пријавување“, истакна Стојанов.

Во гостувањето тој го доведе во прашање и постапувањето на полицијата. Според неговите тврдења, полициската контрола била намерно одложувана поради наводна блискост на одредени службени лица со сопственикот на дискотеката.

„Тој ги искористил сите слабости на нашиот систем, а цената за тоа ја платија нашите деца“, порача Стојанов во „Ноќно студио“ на 4ТВ.