
Триесет и тригодишен македонски државјанин загина при изведување работи на железничка пруга во Хрватска. Несреќата се случила во вторникот, на 17 ноември, околу 8:45 часот, на железничкиот надвозник Сава – Јакушевец кај Мичевец, во близина на Велика Горица.
Според информациите од загрепската полиција што ги пренесоа хрватските медиуми, работникот бил вработен во компанија што изведувала работи на пругата. Тој паднал на шините додека по пругата минувала товарна моторна дресина, специјално железничко возило за одржување на пругата, со кое управувал 59-годишен машиновозач. Од здобиените повреди работникот починал на самото место. Сè уште се утврдува зошто паднал.
Увидот го водела заменичка на општинскиот државен обвинител во Нов Загреб. Во увидот учествувале и загрепската полиција, инспектор за заштита при работа и претставник на хрватската агенција надлежна за истражување железнички несреќи. Телото на починатиот било пренесено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб.
