Skip to main content
Македонија

32.000 денари за одобрување елаборат што не ги исполнувал условите – ОЈО бара притвор за вработен во ДЗС

18/11/2026  17:41

Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор за вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), осомничен дека побарал и примил 32.000 денари за да даде согласност за елаборат што не ги исполнувал условите за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Обвинителството отвори истрага за кривичното дело примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот работел во Одделението за издавање урбанистички согласности. Според ОЈО, во рамки на своите овластувања давал мислења и издавал согласности за просторни и урбанистички планови и проекти, како и за елаборати од областа на заштитата и спасувањето. Обвинителството се сомнева дека тој директно ги побарал и ги примил парите за да одобри елаборат што не ги исполнувал пропишаните услови за градба во делот на заштитата од пожари, експлозии и опасни материи.

Јавниот обвинител го доставил предлогот за притвор до судија на претходна постапка, наведувајќи опасност од бегство, повторување на делото и влијание врз сведоци.