
Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав, повикувајќи се на договорот меѓу Скопје и Софија постигнат со француско посредство. Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), објавено на 17 ноември, тој рече дека повеќе не гледа причина за несогласување со бугарското раководство по ова прашање.
Новинарот Бојко Василев го потсети Рама на нивниот разговор од пред три години, кога албанскиот премиер зборувал за несогласувањата со Софија. Рама одговори дека тогашните околности биле поинакви и дека се однесувале на периодот пред договорот меѓу двете земји.
„Потребата бугарското малцинство да биде внесено во Уставот на Северна Македонија е сосема јасна“, рече Рама, додавајќи дека тоа произлегува од договорот меѓу двете страни.
Македонските власти бараат предвидливост во пристапните преговори и гаранции дека по евентуалното усвојување на уставните измени нема да следуваат нови билатерални условувања. Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека Владата очекува гаранција дека по исполнувањето на условот нема да има ново бугарско вето.
Европската комисија во извештајот објавен на 4 ноември констатираше дека Македонија сè уште ги нема усвоено уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година. Комисијата посочи дека усвојувањето на измените и исполнувањето на мерилата за отворање на кластерот „Темели“ се потребни за напредок во пристапниот процес.


