
Со Илинка Кушовска, баба на Ива Михаилова, бил извршен двочасовен службен разговор на граничниот премин „Делчево“, по што таа непречено влегла во Македонија, соопштило Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“. Одговорот на МВР следува по тврдењата на Михаилова, пренесени од бугарските медиуми, дека нејзината баба била „киднапирана“ додека се обидувала да ја премине границата.
Михаилова тврди дека баба ѝ била недостапна повеќе од седум часа и ги обвини македонските служби дека незаконски ја задржале. Таа постапувањето го нарече „државен тероризам“.
Од МВР велат дека полицијата постапувала по насоки на надлежен јавен обвинител. Според нив, службениот разговор бил извршен на 10 ноември, од 11:20 до 13:20 часот.
„По завршувањето на разговорот, лицето непречено остварило влез на територијата на РСМ“, велат од МВР за „Скопје1“.



