
Од денеска, 9 ноември, започнува примената на новите правила во домашниот платен промет, со кои се воведуваат промени во платните налози, шифрите за целта на плаќањето и начинот на означување на денарските платежни сметки.
Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со стандардизирани платни налози, кои ќе имаат изменет изглед, распоред и називи на полињата.
Меѓу највидливите промени се новите кратенки. Така, досегашниот ПП10 се заменува со ВГ – внесување готовина, ПП40 станува ПГ – повлекување готовина, додека најчесто користениот ПП30 се заменува со КТД – кредитен трансфер во денари.
Значајни промени се воведуваат и кај шифрите за целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки се заменуваат со четиризнаковни шифри, составени од букви или комбинација од букви и броеви, во согласност со меѓународниот стандард ISO 20022.
За граѓаните и компаниите, меѓу најважните промени е тоа што досегашната шифра 101 за исплата на плата се заменува со SALA, додека шифрата 811 за плаќање електрична енергија станува ELEC.
За плаќање сметки за вода, досегашната 813 се заменува со WTER, за телефонските сметки 814 станува PHON, додека за греење 812 се заменува со ENRG.
Промени има и кај плаќањето кирија, каде што досегашната шифра 845 станува RENT, како и кај плаќањето социјална помош, каде што 184 се заменува со SSBE.
За купопродажба на стоки, досегашната шифра 200 се заменува со GDDS, додека 220 станува GDSV за купопродажба на стоки и услуги. При плаќање аванси, шифрата 250 се заменува со ADVA, а за плаќање банкарски провизии 666 станува FEES.
За пренос на средства на сопствена сметка, досегашната 457 се заменува со ACCT, додека за заеми 467 станува LOAN. Кај хуманитарните уплати, шифрата 560 се заменува со CHAR.
Една од промените е и замената на досегашната шифра 262, која се користеше за „Други неспоменати плаќања на правни субјекти“, со новата ознака NOWS – „Ненаведено“. За останати плаќања, наместо шифрата 930, ќе се користи OTHR.
Дополнително, денарските платежни сметки ќе се користат во меѓународниот IBAN-формат, со додавање на ознаката MK07 пред постојниот број на сметката. Ова не значи отворање нови сметки или промена на постојните броеви, туку само нов начин на нивно означување.
Банките ги прават потребните технички приспособувања во електронското и мобилното банкарство, поради што граѓаните вообичаено ќе можат да продолжат да ги внесуваат податоците за плаќање на досегашниот начин.
Измените се дел од усогласувањето на домашниот платен систем со меѓународните стандарди и регулативата на Народната банка, со цел модернизација и поедноставување на банкарските трансакции.


