Skip to main content
Uncategorized

Новото Собрание на Србија ќе се конституира на 17 ноември

08/11/2026  13:35

Конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Србија е закажана за вторник, 17 ноември, во 10 часот, соопшти Ана Брнабиќ на прес-конференција во парламентот.

Таа посочи дека се исполнети условите за свикување на седницата, откако Републичката изборна комисија на 5 ноември ги усвои конечните резултати, а следниот ден ги додели пратеничките мандати и го достави извештајот до Собранието.

„Со тоа се исполнети сите услови да се свика првата седница на новиот состав“, изјави Брнабиќ.

На дневниот ред се потврдувањето на пратеничките мандати, изборот на претседател и потпретседатели на Собранието, именувањето генерален секретар, како и изборот на членовите на работните тела и постојаните делегации во меѓународните институции.

До изборот на нов собраниски претседател, со седницата ќе претседава највозрасниот пратеник, професорот Стојан Раденовиќ. Ова ќе биде 15-тиот состав на српскиот парламент.

Студентската листа на изборите освои 140 од вкупно 250 мандати и обезбеди самостојно мнозинство. Листата предводена од Српската напредна партија на Александар Вучиќ доби 103 пратенички места.

По конституирањето на парламентот започнува рокот од 90 дена за формирање нова влада. До завршувањето на политичката транзиција, досегашната власт останува на должност.