Skip to main content
Свет

Во Полска уапсена група осомничена за продажба на делови за оружје на Русија

05/11/2026  20:59

Полските разузнавачки служби приведоа неколку лица кои се осомничени за набавка на компоненти за оружје за Русија, соопштија денеска локалните власти.

Меѓу осомничените агенти се 37-годишна Русинка и петмина полски државјани на возраст од 25 до 52 години, напиша на X Томаш Сјемонијак, министер одговорен за координација на разузнавачките служби во земјата.

Според новинскиот портал Онет, тие биле уапсени од страна на агенцијата за внатрешно разузнавање АБВ за време на рации на 21 локација во три региони во периодот меѓу 21 октомври и 2 ноември.

Осомничените се обвинети за купување на неколку компоненти што се користат за производство на оружје и муниција и нивна препродажба во Русија, се наведува во извештајот.

Обвинителството покрена истрага за членство во криминална група. Четворица од осомничените дополнително се обвинети и за шпионажа.

Полска, членка на ЕУ и НАТО, е еден од најважните политички и воени поддржувачи на Украина.

Земјата прими нешто под еден милион бегалци од соседната држава. Варшава во повеќе наврати ги обвини разузнавачките служби на Русија и нејзиниот сојузник Белорусија за испраќање голем број агенти на полска територија.