Skip to main content
Економија

За две децении производството на мед намалено од 30 на три килограми од пчелно семејство, 2026 година една од најслабите

05/11/2026  20:15

За две децении производството на мед во земјата е намалено од 30 на три килограми од пчелно семејство, а 2026 година една од најслабите – велат од Пчеларската федерација на Македонија.

Климатските промени се најголемата закана за пчеларството, а продажбата на фалсификуваниот, најчесто увезен мед, со непознато потекло и состав, и натаму останува еден од клучните проблеми.

– По три децении, оваа година е една од најслабите. Ако пред 20-ина години сме произведувале 30-40 килограми мед од пчелно семејство, па дури и повеќе, сега се сведовме на два до три килограми, до максимум пет. Во случај некој да извади седум до десет килограми, велиме дека постигнал рекорд. Ова е навистина огромен пад. Ние пчеларите сме зависни од климатските услови. Во доцните пролетни месеци, околу мај, честопати имаме енормно ниски температури, пет-шест степени. Тогаш вегетацијата е во најголемиот ек и поради таквиот студ, замрзнува. Потоа, за 10-15 дена, температурите значително растат и стануваат многу високи, од 35 до 40 степени, а оптимална температура за производство на мед е 28 до 32 степени. Значи, во втората вегетација и нешто ако воопшто даде цвет, пчелите не се во состојба да го собираат нектарот – изјави за МИА претседателот на Федерацијата, Венче Билбиловски, пред почетокот на 8. пчеларски саем што се одржува од денеска до 7 ноември на плоштадот во Скопје.

Билбиловски и годинава апелира до потрошувачите – да купуваат мед од сертифицирани производители.

–  Со фалсификуваниот мед имаме огромен проблем. Се увезува од разни места и не знаеме со какво потекло е. Се нуди на патишта, пазари, во маркети, и тоа за многу ниски цени, од 150 до 300 денари, и луѓето се залажуваат, а цената е секако репер и можеби е еден од начините како да се препознае дека медот е или не е вистински. Повторно ги повикувам потрошувачите, да си изберат свој сертифициран пчелар и од него да купуваат мед и други пчелни производи. На саемот тука сите излагачи се пчелари со сертификат, со испитан мед во регистрирана лабораторија на Ветеринарниот факултет и сите се пријавени во Агенцијата за храна и ветеринарство, имаат РБО-број. Тоа е гаранција дека продаваат вистински мед – нагласи Билбиловски.

Според него, и покрај предизвиците, пчеларите не се откажуваат од производството.

Саемската манифестацијата организирана од Пчеларската федерација се одржува веќе осма година. Има повеќе од 20 изложувачи од разни региони – Преспа, Порече, Прилепско, Кочанско, Галичица… Посетителите може да купат мед за 650 денари. За разлика од оваа цена, која се нуди додека трае саемот, регуларната цена на медот, како што рече Билбиловски, изнесува од 700 денари нагоре. 

Во Македонија има речиси 6.000 регистрирани пчелари и приближно 300.000 пчелни кошници.