Skip to main content
Македонија

Вајц ја повика Кос да вложи дипломатски напори за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија

04/11/2026  14:58

Известувачот за Македонија Томас Вајц, пред Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент, каде што беше претставен пакетот за проширување, ја повика еврокомесарката Марта Кос да вложи дипломатски напори за решавање на прашањето меѓу Македонија и Бугарија.

– Сакам во позитивна смисла да истакнам како Хрватска и Црна Гора се справуваат со билатералните прашања. Сакам да им се заблагодарам на премиерот Пленковиќ и на премиерот Спајиќ што разговараат меѓусебно, што седнаа на иста маса и што наоѓаат решенија. Билатералните прашања во никој случај не смеат да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување – токму така треба да се постапува – нагласи Вајц.

Тој оцени дека овој пример може да послужи и за други земји, меѓу кои и Македонија, каде што билатералните прашања бараат дијалог.

Вајц посочи дека дел од прашањата веќе се на европско ниво и се однесуваат на вклучувањето на малцинствата, поради што треба да се реализираат уставните измени. Сепак, според него, единствениот начин за излез од ќор-сокакот е директен дијалог меѓу двете влади.

– Единствениот начин да се излезе од тој ќор-сокак е страните да разговараат меѓусебно, односно владите на Бугарија и на Северна Македонија да седнат и да разговараат. Бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, Ве молам, комесарке, да вложите напори во оваа дипломатска насока – ѝ порача Вајц на Кос.