
Соопштение на Левица:
За само неколку дена, политичката свита на ДПМНЕ приреди вистински фестивал на безобразлук, примитивизам и ароганција. Во државата која Христијан Мицкоски гордо ја сместува меѓу четирите европски економии, на народот му се наредија плејада политички велможи да му објаснуваат како треба да живее. Едниот им кажа на студентите дека студентскиот оброк им е доволен за цигара и упаљач, другиот го убедува дека 10.000 денари од сопствените пари му се повеќе од доволни за една недела, а третиот пропагира машки надзор врз жените. Уште малку, па ќе почнат да ни пропишуваат колку залци смееме да изедеме, колку пати смееме да се пожалиме и од кого треба да бараме дозвола да живееме.
Пратеникот од ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, со комоцијата на човек кому студентската сиромаштија му е тема за досетки, најде за потребно да филозофира за цигари и запалки додека се расправа за мизерните 140 денари студентски оброк кои противзаконски, власта одбива да ги зголеми. Во Македонија, каде што родителите од уста одвојуваат за да школуваат деца, а младите со дипломите во рака го чекаат првиот авион за странство, пратеникот на ДПМНЕ им објасни на студентите дека две евра им се таман за цигара и запалка.
На тоа се надоврза и вмровскиот кадар, Трајко Славески, кој од удобноста на гувернерската фотелја пресуди дека 10.000 денари неделно се дури и повеќе од доволно за граѓаните со ограничен пристап до своите заштеди во АЛТА банка. Па, кој му дал право на Славески да одредува колку некому му се доволни сопствените пари? Дали знае колку чини едно лекување, кирија или еден семеен месец? Лесно, но крајно арогантно е да се проповеда скромност со туѓи пари и од добро платена државна фотелја.
А додека едни ги мерат залците и парите, коалициониот партнер на Мицкоски, Петар Богојески, реши да ја надополни сликата со проповеди за машки надзор врз жените и да го релативизира семејното насилството. И тоа во држава која се најде на срамното трето место во Европа по стапката на фемициди, во која само во 2025 година беа пријавени 4.745 случаи на семејно насилство, а институциите со своите пропусти предолго ги оставаат жените на милост и немилост на насилниците! Додека жени ги губат животите, жртвите со години живеат во страв и додека системот потфрлува во нивната заштита, од политичкото друштво на Мицкоски ни објаснуваат дека проблемот бил во феминизмот и отсуството на машка контрола.
И сето ова се случува додека Мицкоски сака да „зборуваме за убави работи”. А ваквите испади се само логична последица на политичката атмосфера што ја создава самиот Мицкоски, кој го претвори јавниот говор во полигон за арогантно демонстрирање моќ. Кога премиерот го поставува примитивизмот како прифатлив начин на комуникација, неговите соработници само ги поместуваат границите на дозволеното.
Левица нема да дозволи политичката елита да ја претвора сиромаштијата во доблест, обесправеноста во традиција, а понижувањето во нормален начин на живот. Оваа држава им припаѓа на луѓето што работат, создаваат, учат и ја одржуваат во живот, а не на ваквите паразити кои од удобните фотелји им пропишуваат колку малку треба да им биде доволно.

