Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Ковачевски е надвор од државата, обезбедени 22 лица осомничени за криминал

10/12/2024  12:34

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција потврди дека поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, е надвор од државата и моментално недостапен за органите на прогонот. Според Мицкоски, останатите 22 лица осомничени за криминални активности поврзани со работењето на РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино се обезбедени.

„Имаме 23 осомничени, но еден е можеби избеган. Очекувам да биде пронајден и обезбеден пред лицето на правдата. Да, Ковачевски не е во државата, но очекувам негово брзо приведување,“ изјави Мицкоски.

Премиерот објасни дека станува збор за добро организирана група на високи претставници на ЕСМ и лица од други правни субјекти, кои, според сомневањата, се вклучени во криминал тежок 6,5 милиони евра.

„Пронајдени се многу докази, но тоа ќе го оставам на обвинителството. Мора да ја почитуваме презумпцијата на невиност. Сепак, она што е откриено е сериозно и загрижувачко. Немаме намера да правиме естрада од оваа ситуација. Правдата секогаш победува,“ додаде Мицкоски.

Тој најави дека во наредниот период ќе бидат објавени нови информации кои ќе потврдат многу од досегашните сомневања за злоупотреби.