Skip to main content
Економија, Македонија

Миноски: Евентуален стечај на Алта банка би го загрозил работењето на компании и јавни претпријатија

02/11/2026  22:52

Евентуален стечај на Алта банка во Македонија би можел да предизвика сериозни ликвидносни проблеми кај компаниите, јавните претпријатија и институциите што имаат средства во банката, предупреди Кирил Миноски во „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според него, таквото непосакувано сценарио би можело да го отежне нивното редовно работење и да создаде потреба од дополнителна државна финансиска поддршка.

Во разговорот беше посочено дека меѓу депонентите во банката има правни лица, јавни претпријатија и локални самоуправи. Миноски нагласи дека нема прецизни податоци колкав дел од депонираните средства им припаѓаат на приватните компании, а колкав на јавните претпријатија и на другите институции.

Сепак, оцени дека евентуалната недостапност или загуба на средствата би можела директно да влијае врз нивната способност да ги исполнуваат тековните обврски.

„Ако вакво непосакувано сценарио се случи, ќе имаме ликвидносни проблеми, ќе имаме сериозни проблеми кај оние државни институции или компании кои евентуално би ги изгубиле сопствените парични средства. Може да се доведе во прашање и непреченото функционирање и извршувањето на нивната дејност“, изјави Миноски.

Тој предупреди дека последиците би можеле да се пренесат и врз јавните финансии, доколку јавни претпријатија или буџетски институции останат без средствата потребни за редовно работење.

Во таква ситуација, според него, би требало да се разгледуваат можности за финансиска интервенција, вклучително и државни гаранции за кредит или обезбедување дополнителни буџетски средства.

„Доколку јавните претпријатија не можат да располагаат со своите средства, ќе мора да се бара решение. Евентуално, државата би можела да биде гарант за некој кредит или ќе треба да се издвојуваат средства, доколку станува збор за буџетска институција, за да можат непречено да работат“, посочи Миноски.

Тој нагласи дека токму можните последици за депонентите и за јавните финансии ја наметнуваат потребата од навремено решение за стабилизирање на состојбата. Неговите предупредувања се однесуваат на ризиците од евентуален стечај, кој во разговорот беше разгледуван како можно, непосакувано сценарио.