
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ги посочи медиумските пишувања и шпекулациите за наводно изнесување пари како причина за нарушувањето на довербата во Алта банка во Србија. Во вечерашното гостување во „Топ тема“ на Телма, тој ја бранеше и одлуката со која на српската банка ѝ било дозволено да ја преземе поранешната Стопанска банка – Битола.
„Еве, сега пишуваа медиумите и тие ја урнаа Алта банка, тие шпекулации дека се изнесуваат пари. Кога се создава атмосфера на недоверба, знаете, банките се кршливи, кревки институции, тие работат на доверба“, изјави Славески.
Гувернерот реагираше на новинарско прашање за претходните медиумски извештаи за работењето на српската банка и за бизнисменот Давор Мацура, меѓу кои и пишувањата на британскиот „Фајненшл тајмс“.
„Не сте го прочитале демантот, веројатно. ‘Фајненшл тајмс’ може сè да напише, тоа се дневни весници и така натаму. Да не се поведуваме по тоа“, рече Славески.
Тој не прифати дека одобрувањето на преземањето било грешка. Објасни дека одлуката не ја донел самостојно, туку врз основа на предлог од надлежната супервизија и по спроведени проверки.
Според Славески, Народната банка побарала мислења од повеќе странски регулаторни институции, вклучително и од надлежните институции во Австрија и од Европската централна банка.
Како еден од елементите при оценувањето на инвеститорот ја посочи и, според неговото објаснување, претходно добиената согласност од Европската централна банка за стекнување удел од 10 проценти во австриската Адико банка од страна на Алта групацијата.
Зборувајќи за сопственичката структура, гувернерот нагласи дека формалниот акционер била банка со дозвола за работа од српската централна банка.
„Акционерот беше Алта банка во Белград. За нас е важно дека имаше лиценца од Народната банка на Србија. Не можам да знам дали некој стои зад името на Мацура, не знам дали тој е вистинскиот сопственик“, изјави Славески.
Тој додаде дека во моментот на одобрувањето, Народната банка била уверена оти инвеститорот ги исполнува потребните услови.
„Ние бевме убедени дека банка која успешно работи во Србија, која е регулирана од нивната централна банка и има ревидирани извештаи, ги задоволува условите да стане акционер во наша банка, во услови кога имавме банка пред пропаѓање, а тоа беше Стопанска банка – Битола“, рече гувернерот.
Со овие изјави Славески ја бранеше постапката за одобрување на преземањето, посочувајќи ги регулаторната лиценца, ревидираните извештаи и спроведените проверки како основа за тогашната одлука. Истовремено, остана на оценката дека нарушувањето на довербата, поттикнато од медиумски шпекулации, може да има сериозни последици врз работењето на една банка.



