Skip to main content
Свет

Путин им наложи на приватните центри за податоци да издвојат 10 проценти од капацитетот за руската ИТ-инфраструктура

02/11/2026  22:06

Руските сопственици на приватни центри за податоци (дата-центри) ќе бидат обврзани да издвојат 10 проценти од нивниот капацитет за поддршка на функционирањето на руската информатичка инфраструктура, согласно указот што го потпиша претседателот Владимир Путин, откако во изминатите недели овие објекти беа цели на напади со украински беспилотни летала.

Овој механизам би им овозможил на руските власти брзо да добијат пристап до расположливиот капацитет на центрите за податоци доколку тоа биде потребно.

Руските центри за податоци во изминатите недели станаа цели на напади со украински беспилотни летала, а во текот на минатиот месец беа погодени објекти со кои управуваат технолошките компании „Јандекс“ (Yandex) и „Сбербанк“ (Sberbank).

Путин му наложи на Министерството за дигитален развој, комуникации и масовни комуникации да изврши попис на расположливиот капацитет и простор во приватните центри за податоци низ цела Русија.

Специјална владина комисија, која ќе биде формирана согласно указот, ќе има овластување да нареди ослободување на резервираниот капацитет, а операторите ќе бидат должни да овозможат пристап во рок од 24 часа по донесувањето на таквата одлука.

Указот овозможува и привремено користење на центри за податоци лоцирани во странство, под услов за тоа да добијат одобрение од Федералната служба за безбедност (ФСБ).