
На 30 и 31 октомври 2026 година, во SPACE Park Скопје се одржа “АГРО ЕКСПО за ЕУ Проекти 2026”, посветен на европските проекти во земјоделството, современите технологии и механизација, како и на домашните земјоделски производи и храна. Во текот на двата дена беа претставени 21 европски проект, со фокус на практичната примена на знаењето и иновациите во земјоделското производство.
Преку конференциска и изложбена програма, практични демонстрации и директни средби, учесниците разговараа за модернизацијата на земјоделските стопанства, развојот на дигиталните вештини и можностите за европско финансирање.
На отворањето, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, ја истакна потребата научните сознанија системски да се вклучуваат во подготовката на политиките и мерките за поддршка на земјоделските стопанства.
„Фокусот го насочуваме на приспособувањето кон климатските промени, поефикасното користење на водните ресурси и зачувувањето на квалитетот на производството“, изјави Серафимовски.
Министерот информираше и за постапката за избор на изведувач за интегрираната земјоделска информациска платформа IAIP и системот за управување со земјиштето во државна сопственост SALMIS. Проектот, вреден над два милиони евра, е дел од Проектот за модернизација на земјоделството, финансиран од Светска банка. На отворањето се обратија и претставници на Општина Гази Баба и на организаторите.
Во рамки на првиот ден беше претставен европскиот проект CAAIVE, насочен кон развој на стручните и дигиталните вештини и примена на вештачката интелигенција во земјоделството.
Во конференциската програма учествуваа проф. д-р Иван Чорбев, проректор на УКИМ; проф. д-р Миле Маркоски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ; проф. д-р Димитар Трајанов од ФИНКИ, проектен лидер на „Везилка“; м-р Петре Стојковски; м-р Горан Ѓорѓиевски; проф. д-р Ѓоко Буневски; Јован Коцев; проф. д-р Марина Нацка и проф. д-р Александар Узунов.
Вториот ден беше посветен на практичното земјоделство и дигитализацијата на агробизнисот. Проф. д-р Петре Ламески, декан на ФИНКИ, ги претстави можностите за дигитализација преку ДигитМак, Везилка и ЕуроЦЦ3, додека од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ се говореше за современото и одржливо пчеларство, науката и практичните решенија.
“АГРО ЕКСПО за ЕУ Проекти 2026” се организираше во рамки на проектот CAAIVE, кофинансиран од Европската Унија преку програмата „Еразмус+“. Организатори беа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, преку Факултетот за земјоделски науки и храна, EMKICE KIC, Нова Креатива и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.



