Skip to main content
Македонија

Национална кампања за превенција од семејно насилство врз децата и адолесцентите

02/11/2026  17:43

Заштитата на децата од насилство е заедничка општествена одговорност – институциите, образованието, семејствата и бизнис-секторот имаат важна улога во создавањето безбедна средина за нивно растење и развој.

Министерството за образование и наука и Шпаркасе банка АД Скопје започнуваат заедничка национална информативно-едукативна кампања за превенција од семејно насилство врз деца и адолесценти. Иницијативата има за цел да ја подигне јавната свест за сериозноста на овој општествен проблем, да поттикне навремено препознавање на насилството и да ја нагласи важноста на заедничкото делување во заштитата на децата и младите.

Семејното насилство врз децата е проблем чии последици не остануваат ограничени само на семејната средина. Тоа влијае врз емоционалниот, социјалниот и личниот развој на децата, врз нивното чувство на сигурност, довербата и начинот на кој ги градат односите со другите. Дополнително, изложеноста на насилство може да придонесе за усвојување несоодветни модели на однесување, кои подоцна се пренесуваат и во врсничките односи. Затоа, превенцијата мора да започне со препознавање на проблемот, отворен разговор и градење вредности засновани на почитување, емпатија и ненасилна комуникација.

Како институција одговорна за креирање и спроведување на образовните политики, Министерството за образование и наука има значајна улога во создавањето образовна средина во која секое дете ќе се чувствува безбедно, прифатено и заштитено. Образовниот систем, покрај својата образовна функција, има важна улога и во развивањето општествени вредности, препознавањето на ризиците и поттикнувањето култура на ненасилство. Преку оваа иницијатива, Министерството ја нагласува важноста на континуираната едукација, подигнувањето на свеста и заедничката одговорност во превенцијата и заштитата на децата и адолесцентите.

„Безбедноста и благосостојбата на секое дете мора да бидат приоритет на општеството. Образованието има значајна улога не само во стекнувањето знаења, туку и во градењето вредности, почитување и одговорност. Преку вакви иницијативи сакаме да испратиме јасна порака дека насилството не смее да се премолчува, игнорира или оправдува и дека секој од нас има улога во неговото препознавање и спречување“, се истакнува од Министерството за образование и наука.

За Шпаркасе банка, поддршката на оваа иницијатива е продолжение на нејзината долгорочна определба да биде активен и одговорен партнер на заедницата, со посебен фокус на децата и младите. Како компанија која верува дека одржливиот општествен развој започнува со создавање подобри услови за идните генерации, Банката континуирано поддржува иницијативи во областа на образованието, финансиската едукација, младинскиот развој, инклузијата и благосостојбата на заедницата.

„Веруваме дека одговорноста на една компанија не завршува со услугите што ги нуди и резултатите што ги постигнува. Таа подразбира и активен придонес кон општеството во кое работиме и живееме. Младите се една од нашите стратешки определби, но нашата грижа за нив не се однесува само на нивната финансиска иднина, туку и на условите во кои растат, се образуваат и ги развиваат своите потенцијали. Затоа, партнерството со Министерството за образование и наука за оваа исклучително важна тема го гледаме како природен продолжеток на нашата долгорочна општествена посветеност. Сакаме да придонесеме кон општество во кое децата ќе имаат право на безбедно детство, поддршка и можност да растат без страв од насилство“, истакнуваат од Шпаркасе банка АД Скопје.

Кампањата ќе се реализира во периодот од 1 ноември до 15 декември 2026 година, преку информативно-едукативна видео-содржина и вклучување на медиумите, со цел пораката да стигне до што поголем број граѓани и да поттикне поширока општествена ангажираност.

Со оваа иницијатива, Министерството за образование и наука и Шпаркасе банка упатуваат повик до институциите, медиумите, образовните установи, родителите и сите општествено одговорни чинители да се вклучат во заедничките напори за превенција и заштита на децата.

Бидејќи безбедното детство не е привилегија, туку право на секое дете. А неговата заштита е одговорност на сите нас.