Skip to main content
Македонија

Почина поранешниот министер и пратеник Самка Ибраимовски

02/11/2026  16:26

Почина Самка Ибраимовски, долгогодишен политичар, претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), поранешен пратеник во Собранието на Македонија и поранешен министер без ресор.

Тажната вест ја објави „Рома Прес“, од каде што со емотивна порака се простија од Ибраимовски, кој со години беше еден од препознатливите политички претставници на ромската заедница во земјава.

Ибраимовски беше долгогодишен политички активист и претседател на ПЦЕР, партија преку која се залагаше за подобрување на положбата на Ромите, нивната политичка застапеност и остварувањето на граѓанските права.

Во текот на својата политичка кариера извршуваше повеќе јавни функции. Беше пратеник во македонското Собрание, а подоцна и министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите.

Покрај овие функции, Ибраимовски извршуваше и директорска должност.

Во јавноста беше познат по своите настапи и политички активности поврзани со прашањата за социјалната вклученост, образованието, вработувањето и институционалната застапеност на ромската заедница.

Неговата политичка кариера траеше повеќе децении, во кои учествуваше во политичкиот и општествениот живот на Македонија.

Засега не се соопштени дополнителни информации за причината за смртта, ниту за времето и местото на погребот.