
Од лажна електронска адреса, со злоупотреба на името на Студентски отпор, до медиумите е испратено соопштение во кое се тврди дека организацијата го прифатила понудениот владин модел за субвенциониран студентски оброк. Од Студентски отпор се оградија од пораката и нагласија дека таа не го претставува нивниот официјален став.
Во спорното соопштение се наведува дека наводно биле спроведени широки консултации со студентите, по кои била прифатена понудата од Владата и Министерството за образование.
Како дел од наводно прифатениот модел се споменуваат воведување систем „М студентски оброк“, зголемување на месечните средства од 3.500 на 4.500 денари, јавно објавување список на оператори и маркети каде што би се користеле средствата и попусти што би важеле до крајот на месецот, независно дали студентот ја потрошил сумата.
Во лажната порака се наведуваат и два наводни услова за прифаќање: решенијата да бидат внесени во Законот за субвенциониран студентски оброк, а списокот на компании и мерките да бидат јавно објавени пред неговото стапување во сила.
Студентски отпор предупреди дека пораките од адресата studentskiot1por@gmail.com не се испратени од организацијата и не ги претставуваат нејзините ставови.
Оттаму ги повикаа медиумите и новинарите да не го третираат спорниот материјал како официјално соопштение и да ги отстранат објавите на порталите и социјалните мрежи што произлегле од него.
Организацијата соопшти дека презема чекори за утврдување на потеклото на пораките и спречување на натамошната злоупотреба.

