
Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, изјави дека сака Северна Кореја да постигне „апсолутна супериорност“ во технологијата на дронови, за време на изложба и демонстрација на беспилотни летала, објави денеска севернокорејската државна агенција КЦНА.
Демонстрацијата на огнената моќ вклучувала тактички дронови и тактички крстосувачки ракети, повеќенаменски дронови и баталјон со повеќецевни ракетни фрлачи од калибар 600 милиметри.
Изложбата го нагласува настојувањето на Ким да ги модернизира севернокорејските вооружени сили со примена на дронови и вештачка интелигенција, додека Пјонгјанг извлекува поуки од искуствата на своите сили во руската војна против Украина, како и од други глобални конфликти.
Фотографиите објавени од севернокорејската државна агенција прикажуваат беспилотни летала со ознаки на севернокорејските воздухопловни сили на изложбата на која присуствувале Ким и неколку генерали.
На друга серија фотографии е прикажано нешто што изгледа како беспилотно летало што удира во воено возило на рид. Според КЦНА, тоа било дел од демонстрацијата на оружје за време на изложбата.
Јужнокорејската војска вчера соопшти дека Северна Кореја истрелала десетина ракети, меѓу кои и балистички ракети со краток дострел.
Според КЦНА, Ким истакнал дека стремежот кон супериорност во технологијата на дронови е „неизбежна опција“ со оглед на променливата природа на современото војување.
Тој, исто така, рекол дека примената на вештачката интелигенција во системите за беспилотно вооружување треба да биде главен приоритет на Северна Кореја во изградбата на современи вооружени сили.
Ким повеќепати повикувал на развој на дронови и вештачка интелигенција во армијата. Според државните медиуми, во ноември 2024 година наредил масовно производство на дронови и го надгледувал тестирањето на модели опремени со вештачка интелигенција. Во септември минатата година тој ја прогласил вештачката интелигенција за главен приоритет во модернизацијата на вооружувањето.
Според податоците на јужнокорејските разузнавачки служби, Северна Кореја испратила повеќе од 16 илјади војници во Русија за да ѝ помогнат на Москва во војната против Украина, при што стекнала борбено искуство во употребата на дронови, електронското и комбинираното војување.
