Skip to main content
Балкан

Директорот на косовската полиција, Газменд Хоџа, поднесе оставка по случајот со убиството на Арлинда Зекај

30/10/2026  18:51

Генералниот директор на косовската полиција, Газменд Хоџа, поднесе оставка од функцијата поради институционалните пропусти во случајот со убиството на Арлинда Зекај, по што премиерот Аљбин Курти го разреши од должноста и за вршител на должноста го именуваше Фехми Хоти, објави порталот „Коха.нет“.

– Во согласност со важечкото законодавство, премиерот Курти, на предлог на министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља, го именуваше господинот Фехми Хоти за вршител на должноста генерален директор на косовската полиција. Владата на Република Косово го цени придонесот и посветеноста на господинот Хоџа во текот на неговиот мандат, се наведува во соопштението.

Косовската полиција, на предлог на Полицискиот инспекторат на Косово, дополнително суспендираше 11 високи полициски функционери во Пеќ поради непостапување во согласност со законот. Соопштено е дека инспекторатот ангажирал тим истражители кои спроведуваат истражни дејствија за начинот на кој полицијата постапувала по пријавите од Зекај.

Арлинда Зекај беше убиена вечерта на 25 октомври во Витомирица, кај Пеќ, само неколку минути откако, во придружба на полицијата, се вратила во семејната куќа. Според наводите на обвинителството, таму со секира ја убил деверот Алберт Силај, кој беше уапсен на 27 октомври во Дечани.

Зекај претходно повеќепати пријавувала семејно насилство и барала заштита од институциите. На 22 октомври, три дена пред убиството, таа се обратила до главната обвинителка во Пеќ, жалејќи се на начинот на кој бил третиран нејзиниот случај и на неспроведувањето на судската одлука. Поради ова, премиерот Курти побара од Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи детални извештаи за да се разјаснат одговорноста и причините за неефикасната заштита.