
Партијата Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху освои најголем број гласови на денешните избори, но ниту еден од двата политички табора во Израел нема јасен пат кон формирање влада, покажуваат излезните анкети на јавниот сервис „Кан“.
Предноста на Ликуд, според проекциите по затворањето на избирачките места, е спротивна на резултатите од анкетите спроведувани со месеци наназад, кои покажуваа дека партијата заостанува зад „Јашар“ на Гади Ајзенкот.
Сепак, според проекциите на Кан, Ликуд освојува 25 пратенички места од вкупно 120, додека „Јашар“ освојува 21.
Според излезните анкети на Канал 13, партијата Ликуд на Нетанјаху освои најмногу гласови на изборите, но блокот партии што му се спротивставуваат, предводен од Гади Ајзенкот, има предност пред неговиот блок. Според овие проекции, ниту еден од таборите нема јасен пат кон формирање влада, особено во услови на рекорден резултат за израелските партии предводени од Арапи.
Според излезните анкети на Канал 13, Ликуд ќе освои 25 пратенички места во Кнесетот, додека центристичката опозициска партија Јашар на Ајзенкот ќе добие 23.
Телевизијата Канал 12 јави дека партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху освои најмногу гласови, но ниту еден од двата политички табора во Израел нема мнозинство за формирање влада.
Според излезните анкети на телевизијата, блокот партии предводени од Евреи, кои се против Нетанјаху, би требало да освои вкупно 52 пратенички места, наспроти 50-те места за партиите што го поддржуваат израелскиот премиер. Ниту еден од блоковите не е блиску до мнозинство од 61 пратеник во Кнесетот, кој брои 120 места.
Се очекува партиите предводени од Арапи, кои исто така се против Нетанјаху, да освојат вкупно 18 пратенички места, што претставува рекорден број за тој политички сектор.
Гледано во целина, јави телевизијата, се очекува блокот против Нетанјаху да освои 53 пратенички места, додека десничарскиот верски блок предводен од Нетанјаху би освоил 50. Се очекува и едниот и другиот блок да бидат далеку од потребното мнозинство од 61 пратеничко место.



