
Со 19 гласови „за“, 63 „против“ и ниту еден воздржан, пратениците денеска не ја изгласаа интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од Левица.

Во расправата за интерпелацијата за министерката Божиновска, пратениците од опозицијата ја обвинија за недоволни резултати во енергетиката и рударството, за неправилности во извршувањето на функцијата, деградација на јавниот интерес и грубо непочитување на законите. Владејачкото мнозинство ја бранеше нејзината работа со аргументи дека се реализираат значајни реформи и инвестиции.
Подносителите на интерпелацијата оценија дека земјата доцни со реформите потребни за интеграција на домашниот енергетски пазар со европскиот, како и со исполнувањето на обврските што произлегуваат од европскиот механизам за јаглеродно гранично прилагодување. Според нив, и покрај одредени позитивни чекори, како отворањето на внатредневниот пазар на електрична енергија, сè уште не е воспоставена целосна рамка за поддршка на производителите на енергија од обновливи извори и за нивно конкурентно позиционирање на европскиот пазар.
Во расправата беа изнесени и сомнежи за условите под кои се врши откупот на електрична енергија од фотоволтаичните електрани, како и барања за поголема транспарентност во работењето на енергетскиот сектор, надзорот на пазарот и постапките за приклучување на нови производствени капацитети на дистрибутивната мрежа.
Од владејачкото мнозинство возвратија дека најголем дел од обвинувањата се однесуваат на институции врз кои Министерството за енергетика нема директни надлежности, како што се ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика. Според нив, во изминатиот период е донесен нов Закон за енергетика усогласен со европските стандарди, со кој за првпат е дефиниран поимот енергетска сиромаштија, а обезбедени се и субвенции за ранливите категории граѓани и за набавка на инвертер клими. Пратениците од власта посочија и на, како што наведоа, подобрените резултати во енергетскиот сектор, намалувањето на производствената цена на електричната енергија во ЕСМ, набавката на јаглен од Косово преку меѓудржавен договор и заштедите за компанијата. Тие ги истакнаа и инвестициите во нови енергетски капацитети, меѓу кои ветерниот парк кај Штип, втората фаза на ветерниот парк во Богданци, когенеративната постројка во Битола, фотоволтаични централи и ревитализацијата на хидроенергетските објекти.
Според владејачкото мнозинство, интерпелацијата не содржи аргументи што би ја довеле во прашање работата на министерката, оценувајќи дека земјата во моментот спроведува политики и проекти што треба да придонесат за поголема енергетска стабилност и усогласување со европските стандарди.
Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, a различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот и не може обвинувањето да стане факт само зашто сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација. Функцијата е привремена, одговорноста кон државата останува, а вистината не се утврдува со бројот на пишани критики и со цитати од Вибер, туку со силата на доказите, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, од собраниската говорница.
– Да се биде министер е одговорност и чест. Таа чест се оправдува со работа, со подготвеност одлуките да се носат пред граѓаните. Им благодарам на пратениците што ја поднесоа интерпелацијата, зашто ми дадоа можност целосно да ја претставам работата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Правото да побарате моја одговорност го почитувам. Меѓутоа, ќе побарам и вие да ја прифатите одговорноста за точноста на изнесените тврдења. Живеев, се образував и работев во Западна Европа. Затоа, ќе ми верувате кога ќе ви кажам дека сакам Македонија да биде држава во која министрите редовно даваат отчет пред Собранието, а опозицијата ја контролира власта. Демократијата добива вредност кога граѓаните можат да слушнат конкретно прашање и да добијат конкретен одговор. Сакам да ви порачам дека со внимание ќе ги следам вашите дискусии, дури и оние најпартиските и оние кои имаат цел да ме нападнат за да извлечеме што поодбри заклучоци, истакна Божиновска.

Таа праша, дали расправата се води врз основа на акти и факти или врз основа на обвинувања во кои се мешаат ингеренциите на Владата, Министерството, ЕСМ, РКЕ и општините.
