
Две тешки сообраќајни несреќи се случиле во Тетово и во тетовското село Пирок, во кои четири лица се тешко повредени, а уште четири се здобиле со телесни повреди. Според полицијата, двајцата возачи биле под дејство на алкохол, а едниот управувал и без возачка дозвола. Двајцата се лишени од слобода.
Во првата несреќа, на 24 октомври околу 22:20 часот, на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во Тетово, автомобил „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управуван од 42-годишниот Д.С. од Тетово, удрил во тројца 16-годишни малолетници.
По ударот, возачот го напуштил местото на несреќата, но набргу бил пронајден и сопрен на улицата „Никола Тесла“. При алкотестирањето му биле измерени 2,22 промили алкохол во крвта, а при прегледот на автомобилот биле пронајдени три пакувања со марихуана. Полицијата го лишила од слобода, а возилото било одземено.
Еден од малолетниците се здобил со тешки телесни повреди, додека другите двајца биле полесно повредени. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Тетово.
Другата несреќа била пријавена истиот ден во 04:10 часот во селото Пирок, општина Боговиње. Деветнаесетгодишниот Д.М. од селото, управувајќи автомобил „фолксваген поло“ со тетовски регистарски ознаки, удрил во бетонски столб од куќа и во излог од објект, сопственост на 45-годишниот Ф.Ш. од Пирок.
Во несреќата тројца сопатници се здобиле со тешки телесни повреди, а четвртиот сопатник и возачот се здобиле со телесни повреди, констатирани во Ургентниот центар при Клиничката болница во Тетово.
При полициските проверки било утврдено дека 19-годишникот немал возачка дозвола, а му биле измерени и 1,29 промили алкохол во крвта, по што бил лишен од слобода.
Увид во двете несреќи извршиле екипи на СВР Тетово. По целосното документирање на случаите, против двајцата возачи ќе следуваат соодветни пријави.


