Skip to main content
Македонија

Славјанка Петровска разрешена од заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ

22/10/2026  20:21

Славјанка Петровска вели дека не ѝ биле посочени забелешки за нејзината работа кои би го објасниле разрешувањето од функцијата заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ. Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа порача дека функциите се минливи и дека не се врзува за нив.

Според информациите изнесени во емисијата, на денешната координација дел од присутните пратеници биле известени дека раководството на СДСМ, предводено од претседателот на партијата, донело одлука за нејзино разрешување.

Петровска посочи дека во досегашното работење како пратеничка и членка на пратеничката група не ѝ било укажано на проблем што би бил причина за ваквата одлука.

„Можам да претпоставам дека е тоа затоа што јас во рамките на она што го работам и како пратеник во Собранието, како дел од пратеничката група, не гледам некои забелешки и не ми беше посочено нешто драматично, да речам, заради кое што би требало да бидам разрешена“, изјави Петровска.

Осврнувајќи се на губењето на партиската функција, таа истакна дека позициите не се трајни.

„Но, како што реков, функциите се минливи. Научена сум да не се врзувам за нив и секогаш знам дека, како велат, секое лошо за добро е“, порача Петровска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.