
Славјанка Петровска останува во пратеничката група на СДСМ и по разрешувањето од функцијата заменик-координатор, но порачува дека нема да отстапи од своите ставови и од барањето за промени во партијата.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска истакна дека ќе продолжи да ги исполнува пратеничките обврски, нагласувајќи дека разрешувањето нема да ги промени нејзините политички убедувања.
„Јас ќе продолжам во рамките на пратеничката група. Ако раководството има некои други намери или други цели, тоа може да го соопшти. Меѓутоа, јас сум била, сум и ќе останам дел од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, без оглед на тоа дали на некој му се допаѓа или не“, изјави Петровска.
Прашана дали стравува од можноста да биде исклучена од партијата, таа одговори дека никој не може да ѝ забрани да се чувствува, да дејствува и да се однесува како вистински социјалдемократ.
Според Петровска, во СДСМ расте поддршката за промени и за демократизација на партијата. Таа оцени дека фокусот треба да биде ставен на политичките идеи, идеологијата и понудата пред граѓаните, наместо на внатрепартиските пресметки и разликите во бројот на гласови.
„Во политиката никогаш не разговарате и не се фокусирате на еден човек, се фокусирате на идеи, особено кога сте дел од раководство, имате одговорност за тоа. Се фокусирате на идеи, на идеологија и таа идеологија да преовлада, вашата идеологија да преовлада и да победите на изборите“, порача Петровска.
Осврнувајќи се на можноста партиското раководство да побара да го врати пратеничкиот мандат, таа истакна дека мандатот ѝ е даден од граѓаните. За евентуално такво барање, според неа, би требало да се помине соодветната партиска постапка.
Петровска упати критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и кругот околу него, оценувајќи дека продолжувањето на внатрепартиските расправии ја троши енергијата на партијата и го оддалечува вниманието од суштинските политички прашања.

Таа предупреди дека времето поминато во меѓусебни конфликти оди во прилог на власта. Според нејзината оценка, додека СДСМ се занимава со внатрешните несогласувања, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува без сериозен политички предизвик од опозицијата.

