
Неверојатна приказна доаѓа од Велика Британија, каде што пензиониран молер преку ноќ станал милионер благодарение на колекција од „Покемон“ картички, кои цели 15 години стоеле заборавени на таванот од неговата куќа.

Мажот од градот Вокинг, во британската област Сари, успеал да ја продаде својата колекција на аукција за неверојатни 1,56 милиони британски фунти. Колекцијата содржела 42 комплети картички, кои ги собирал кон крајот на 1990-тите години, кога неговиот син бил дете.
Според Би-би-си, пензионерот, кој сакал да остане анонимен, воопшто не бил свесен за вредноста на картичките сè додека во локален весник не прочитал дека една ретка „Покемон“ картичка била продадена за повеќе од 6.000 фунти.
Тогаш се сетил на колекцијата што со години собирала прашина на неговиот таван и одлучил да провери колку навистина вреди.
Картичките првично ги купувал бидејќи неговиот син бил голем љубител на „Покемон“. Но, за разлика од картичките со кои детето си играло и ги разменувало со другарите, таткото одлучил својата колекција да ја зачува недопрена, верувајќи дека еден ден би можела да претставува добра инвестиција.
Кога неговиот син го изгубил интересот за играта, картичките биле спакувани и оставени на таванот, каде што останале цели 15 години.
Особено интересно е што еден од комплетите, кој пензионерот своевремено го купил за само 300 фунти преку интернет, на аукцијата бил продаден за дури 75.000 фунти.
Највредниот дел од колекцијата бил комплетот „Legendary Collection“, во кој се наоѓала и исклучително добро зачувана картичка со ликот Чаризард. Иако првичната процена била меѓу 15.000 и 20.000 фунти, комплетот на крајот достигнал цена од 100.000 фунти.
Од аукциската куќа „Ewbank’s“, каде што била организирана продажбата, велат дека биле изненадени кога сопственикот ја донел колекцијата. Сите 42 комплети биле во одлична состојба, а дел од картичките никогаш не биле извадени од оригиналните пакувања.
Раководителот на одделот за колекционерски картички, Џејмс Спунер, изјавил дека вработените останале без зборови кога ја виделе колекцијата.
Аукцијата привлекла купувачи од целиот свет, а според организаторите, продажбата претставува рекорд за колекционерски картички во Велика Британија и можно е да биде рекордна и на европско ниво.
За пензионерот, пак, она што некогаш било обично хоби поврзано со детството на неговиот син се претворило во вистинско богатство.
Приказната уште еднаш покажува дека старите играчки, картички и колекционерски предмети, кои многумина ги чуваат заборавени во своите домови, понекогаш можат да достигнат огромна вредност.


