Исклучениот Стураро со брилијантна изјава му се поклони на Пандев по маестралната партија во Неапол

Стефано Стураро ги остави на цедило своите соиграчи од Џенова на тешкото гостување во Неапол, само неколку дена по тешкиот пораз кој го претрпе тимот од „Луиџи Фераис“ на домашен терен од Интер.

Воведот на мечот на „Сан Паоло“ и исклучувањето на Стураро како да беше најава за нов потоп на Џенова, но наместо тоа, видовме крајно инспириран и сплотен тим во продолжението кој успеа да се избори за голем бод. Огромна заслуга за тоа има нашиот Горан Пандев кој испрати маестрално додавање при израмнувачкиот гол на Џенова, но покрај ова, тој беше и единствениот од гостинскиот тим кој знаеше да ја задржи топката и да ги разигрува соиграчите додека беше на теренот.

Тоа по крајот на мечот го призна и исклучениот Стураро, кој со брилијантна изјава се обиде да опише што значи искуството и знаењето на Пандев за Џенова.

– Мислам дека судијата беше претстрог, сакав да ја удрам топката, но прво удрив во ногата на противникот. Жалам што ги оставив соиграчите во тешки моменти. Горд сум на соиграчите, одиграа фантастично на тежок терен. Тешкиот пораз од Интер не направи силни, пронајдовме желба за пожртвуваност и сплотеност. Пандев е единствениот шампион во нашиот тим, тој е единствениот кој може да направи разлика на теренот. Се обидуваме да му овозможиме да го прави тоа на најдобар можен начин, – порача Стураро по средбата.

Треба да знаете
Последни објави