
Употребата на Градскиот воз и од следната година електричните еколошки автобуси, сериозно ќе влијаат врз намалување на загадувањето во Скопје, вели заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Алексдандар Николоски во гостувањето во емисијата “Само Интервју”

Според него од 300 до 500 патници дневно користат градски воз на линијата Зелениково-Нова железничка.
” Ветивме дека првата линија на градски воз ќе почне на 1 септември и првата линија на градски воз почна на 1 септември и ми е драго што и овој рок се испочитува. Дневната фреквенција е некаде 300 до 500 патници. Тоа се 300 до 500 помалку возила во центарот на градот. Тоа се 300 до 500 повеќе слободни паркинг места во центарот на градот и 300 до 500 возила што помалку загадуваат во центарот на градот”- вели Николоски.
Планот, според Николоски е намалување на бројот на возила преку интегрирање на јавниот превоз.
“Густината на сообраќај е отприлика 30% влегува од западниот правец Тетово-Гостивар, 30% влегува од источниот правец тоа е Велес. Некаде околу 20% влегува од северниот правец тоа е Куманово, и уште 20% влегува од северозападниот правец, тоа е Приштина. И сега, бараме начин како да ги намалиме бројот на возила. Јас не велам дека на нула ќе дојдат, но ќе се намали загадувањето како еден од двата главни фактори за загадување во Скопје” – вели Николоски.

Најави дека се работи и на проектирање и на другите две линии од Градски воз, понатаму воведување на градски воз за Куманово и ако косовската страна направи реконструкција на пругата извесно е воведување и на меѓуградски воз Приштина-Скопје.

