
Воведување на факсимилот како правно признаен начин на потпишување за слепите лица, подобрување на пристапноста во јавниот простор и превозот, унапредување на личната асистенција и додатокот за попреченост, поголема дигитална пристапност и ратификација на Марокешкиот договор се меѓу клучните барања што денеска ги упати Кети Петреска, претставничка на Националниот сојуз на слепите лица во Македонија, на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието.

Обраќајќи се пред членовите на интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, пратениците и претставниците на извршната власт во Собранието на одбележување на Меѓународниот ден на белиот стап на тема: „Правото на независно живеење, од бел стап до пристапна средина“, Петреска рече дека и покрај повеќедецениското постоење на Сојузот, состојбата на слепите лица во државата сè уште е далеку од стандардите предвидени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Како прво барање таа го посочи воведувањето на факсимилот како законски признат начин на потпишување за слепите лица и лицата со попреченост оценувајќи дека недостигот од такво решение ја ограничува нивната самостојност и претставува форма на дискриминација.
Петреска побара и подобрување на пристапноста на јавниот простор преку поставување тактилни патеки, обезбедување безбедни премини и достапен јавен превоз.
– Белиот стап е симбол на достоинството и средство за движење, но доколку нема соодветни услови во средината, неговата функција е ограничена – истакна таа.
Во своето обраќање Петреска се осврна и на потребата од унапредување на услугите за поддршка нагласувајќи дека личната асистенција треба да биде јасно разграничена од негата и да се темели на принципите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Таа побара и зголемување на додатокот за попреченост и посочи дека пристапот до белиот стап и другите помагала преку Фондот за здравствено осигурување треба да биде поедноставен и помалку административно оптоварувачки за корисниците.
Петреска оцени дека дигиталната пристапност мора да стане правило, а не исклучок, укажувајќи дека голем дел од јавните дигитални платформи и услуги сè уште не ги исполнуваат стандардите за пристапност.
– Бараме доследна примена на стандардите за дигитална пристапност и воспоставување фонд за асистивна технологија и дигитална опрема – порача претставничката на Републичкиот сојуз.
Во делот на образованието, Петреска посочи на недостигот од пристапни материјали, Брајово писмо и соодветна поддршка во образовниот процес нагласувајќи ја потребата од дополнителни рехабилитациски услуги и поддршка за слепо-глувите лица.
Таа побара и ратификација на Марокешкиот договор, како и модернизација на библиотеката за слепи лица во современа пристапна библиотека според европските стандарди.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во своето обраќање порача дека реформата во системот на процена на попреченоста треба да овозможи процената да не се заснова исклучиво на медицинска дијагноза, туку да ги земе предвид и функционирањето на лицето, влијанието на средината и потребната поддршка.
Велковски посочи дека Министерството континуирано работи на унапредување на системот на социјална заштита, подобрување на пристапот до правата и развој на социјални услуги, што одговараат на потребите на граѓаните, со цел да се обезбедат поголема самостојност, социјална вклученост и достоинствен живот за лицата со попреченост.
– Нашиот пристап се темели на принципите дека поддршката треба да биде достапна, навремена и соодветна на индивидуалните потреби. Правата утврдени со законската рамка треба да се преточат во конкретни можности за поголема самостојност, социјална вклученост и достоинствен живот на лицата со попреченост – рече Велковски.
Тој нагласи дека во реформскиот процес се вклучени и претставници на Националниот сојуз на слепите, чие искуство и знаење придонесуваат за подобро препознавање на специфичните предизвици со кои се соочуваат слепите и слабовидните лица.
Министерот посочи дека паралелно со реформата, Министерството работи и на унапредување на социјалните услуги, со определба тие да одговараат на реалните потреби на корисниците и да придонесуваат за нивно поголемо вклучување во заедницата.
Тој најави дека Министерството ќе продолжи со институционалната поддршка на Националниот сојуз на слепите и на другите организации на лицата со попреченост, истовремено охрабрувајќи ги да ги зајакнуваат своите капацитети и да ги користат можностите што ги нуди законската рамка за развој и обезбедување социјални услуги.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, со порака дека искуствата и предлозите на лицата со попреченост мора да бидат дел од креирањето на политиките.
Митева нагласи дека институциите имаат одговорност да создаваат услови за поголема самостојност на лицата со попреченост, особено на слепите и слабовидните лица, а резултатите може да се постигнат преку заедничка соработка со нивните организации и експертската јавност.
– Белиот стап на прв поглед можеби изгледа како едноставно помагало, но има огромно значење во секојдневниот живот на слепите лица. Значи, мобилност, поголема сигурност, но пред сè можност човекот сам да одлучи каде сака да оди и како сака да го живее својот живот – рече Митева и додаде дека за унапредување на самостојноста на лицата со попреченост потребно е да се обезбедат соодветни помагала и обуки за ориентација и мобилност, но и да се препознаат разните животни околности и предизвици со кои се соочуваат овие лица.
Таа истакна дека посебно внимание треба да им се посвети на жените и девојчињата со попреченост за кои можноста за самостојно движење е тесно поврзана со пристапот до образование, вработување, лична сигурност и активно учество во општествениот живот.
Пред присутните се обрати и пратеничката Емилија Ангелова, која во минатото работела како професорка во училиште за деца со оштетен вид. Таа нагласи дека од непосредното искуство со овие ученици научила дека наместо да се нагласуваат ограничувањата, треба да се создадат услови во кои тие ќе може да ги покажат своите способности.
– Таму научив една многу важна лекција: дека не треба да гледаме што некој не може, туку треба да создадеме услови да покаже колку може. Затоа денешната тема „Правото на независно живеење – од бел стап до пристапна средина“ за мене има многу подлабоко, а би рекла и многу поемотивно значење – истакна Ангелова.
Таа нагласи дека пристапноста не е привилегија, туку човеково право, а вистинскиот тест за едно инклузивно општество е дали слепите и слабовидните лица може самостојно да стигнат до институциите, да користат јавен превоз, да добиваат информации во достапен формат, да се образоваат и да работат.
– Не можеме да зборуваме за независно живеење ако средината постојано создава зависност – рече Ангелова и додаде дека слепите и слабовидните лица не бараат сожалување, туку можности, знаење и рамноправен третман.
Таа посочи дека образованието има значајна улога во отворањето на патот кон самостоен живот, како и наставниците, кои умеат да ги препознаат потенцијалите на секој ученик и додаде дека е потребно да се направи исчекор од формално утврдените права кон нивно целосно остварување во секојдневниот живот.

– Зад белиот стап не стои само лице со попреченост, туку човек, индивидуа, семејство, човек со знаење, талент, амбиции и соништа, со истото право како секој од нас самостојно да го избере и да го живее својот живот. Наша должност е да не му стоиме на патот, туку патот да го направиме пристапен за него – порача Ангелова.
