
Му го грабнале пиштолот на полицаец, бегале со БМВ и завршиле во банкина – драматична полициска акција во Скопје
Вистинска драма се одвивала на улиците во Скопје, откако полициска акција за спречување купопродажба на марихуана се претворила во опасна брканица, при која на полициски службеник му бил одземен службениот пиштол, а друг полицаец испукал три предупредувачки истрели во воздух. Бегството завршило на автопатот Скопје – Тетово, каде возилото со кое се движеле осомничените удрило во банкина.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 7 октомври, околу 20:25 часот, на улицата „Црногорска“ во Скопје, каде полициски службеници поставиле заседа по претходно добиени оперативни сознанија дека ќе се изврши купопродажба на марихуана.
Полициските службеници забележале патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки и му дале знак да запре. Но, кога се приближиле за да ги легитимираат и да извршат преглед, возачот го стартувал автомобилот и удрил во бандера. Во истиот момент низ прозорецот исфрлил кеса со марихуана.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога еден од полицајците го извадил службениот пиштол и од совозачката страна, преку полуотворениот прозорец, издал наредба „Стој, полиција!“. Тогаш лицето кое седело на совозачкото седиште успеало да му го одземе пиштолот, по што возачот повторно го стартувал автомобилот и побегнал.
Веднаш започнала полициска потера. БМВ-то со голема брзина се движело по улицата „Ѓорче Петров“ во правец кон автопатот Скопје – Тетово, а возачот не застанувал и покрај звучните и светлосните сигнали од полициските возила.
Во текот на потерата, еден од полициските службеници испукал три предупредувачки истрели во воздух во обид да го запре возилото.
Бегството завршило кога БМВ-то удрило во банкина на автопатот и се извртело. Од автомобилот излегле 24-годишниот П.А., кој го управувал возилото, и 21-годишниот Е.П., кој бил совозач.
Двајцата веднаш биле лишени од слобода, а полицијата го обезбедила и претходно одземениот службен пиштол. При дополнително пребарување на теренот била пронајдена и кесата со марихуана што била исфрлена од возилото.
По спроведените истражни дејствија, денеска, 14 октомври, Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, поднела кривични пријави против П.А. и Е.П.
Тие се сомничат за кривичните дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, според член 382, и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, според член 215 од Кривичниот законик.
Кривична пријава е поднесена и против трето лице, М.Т., за кое полицијата располага со сознанија дека е поврзано со случајот. Тој се сомничи за кривично дело поврзано со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Случајот, сепак, отвора и прашања за начинот на кој постапувале полициските службеници, особено околу околностите во кои еден од осомничените успеал да го одземе службениот пиштол.
Од МВР потврдуваат дека за настанот е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кој веќе презема мерки за утврдување дали при полициската интервенција биле направени евентуални неправилности.

Надлежните треба да утврдат дали полициските службеници постапувале согласно пропишаните процедури при интервенцијата која започнала како акција против трговија со дрога, а завршила со одземање службено оружје, опасно бегство и судир на автопат.

