Search

Кекеновски: Законот за употреба на јазиците усвоен без потребниот број на пратеници

Професорот Јове Кекеновски до Уставниот суд поднесе иницијатива за оцена на уставноста на законот за употреба на јазиците објавен во Службен весник број 7 од 14 јануари 2019 година.

-Со усвоениот закон за јазици се врши промена и истиот е во спротивност на суштината на амандманот 5 (поранешен член 7) кој е во врска со амандман 18 како и повреда на член 8 алинеа 3 и 9, односно повреда на темелните вредности на уставниот поредок, владеење на правото и локалната самоуправа, изјави Кекеонски.

Според него, при донесувањето на овој закон, претседателот на Собранието, како и останатите собраниски органи и служби, морале да имаат во предвид дека за да биде усвоен законот потребно е две третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат иницијатива пред Уставниот суд за конкретниот Закон, кој во Службен весник беше објавен само со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Ова се наведува како најголемо прекршување на Уставот, затоа што постои случај од 1997 година кога Уставниот суд поништил Закон затоа што не бил потпишан од тогашниот претседател, Киро Глигоров.

(И.Ш.)

Фото: Слобода Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави